Условените оставки на министрите од ДУИ денеска формално ќе бидат доставени до премиерот, на владина седница, потпишани поединечно од секој од петмината министри, најави вчера шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ Бујар Османи.
Потребата за носење на уставните измени минатата недела го мина комисискиот филтер, а пленарната седница е закажана за 18-ти август. За да помине предлогот за уставни измени потребно е двотретинско мнозинство или поддршка од 80 пратеници. Од власта изјавија дека им недостигаат осум пратеника, од опозицијата велат не е точно дека фалат уште осум пратеника до потребното мнозинство за гласање, туку дека има пратеници од владејачкото мнозинство, вклучително и од СДСМ, кои се против уставните измени.
Усвојувањето на уставните измени е обврска од преговарачката рамка со Европската Унија и е услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023-ра година и продолжување на преговорите по кластери и поглавја.