Home » Министерот за надворешни работи на Бугарија смета дека Македонија не оди по вистинскиот пат за влез во ЕУ

Министерот за надворешни работи на Бугарија смета дека Македонија не оди по вистинскиот пат за влез во ЕУ

by Lina Muslija

Начинот на кој Македонија продолжува да се однесува кон Бугарија, со сигурност не е патот за нејзина побрза интеграција во Европската Унија (ЕУ), изјави бугарскиот министер за надворешни работи Иван Кондов.

Како што јави Бугарското национално радио (БНР), по вчерашната неформална средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ и државите од Западниот Балкан, Кондов изјави дека од исклучителна важност за земјава е да ги спроведува преземените обврски.

„Некои од колегите го поставија прашањето за побрзо проширување или побрза патека. Нормално, од наша страна посочив дека е исклучително важно да се спроведуваат сите обврски, вклучително и промената на Уставот“, изјави Кондов.

Тој додаде дека споменувањата на Бугарија во одреден контекст, како изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој односот на Софија кон земјава го спореди со оној на Русија кон Украина, како и „кршењето на човековите права, не се патот кон побрза интеграција на Северна Македонија“.

Во одговор на новинарско прашање дали ваквиот бугарски став „наишол на разбирање“ од страна на останатите министри учесници на состанокот, Кондов одговори дека „во секој случај, многу земји рекоа дека ЕУ е сојуз заснован на вредности и мора да се исполнат сите барања за европска интеграција“. 

Кондов информира и дека имал билатерален разговор со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, од кого побарал објаснување за изјавата на премиерот Ковачевски.

„Тој се обиде да објасни дека де факто изјавата на премиерот е поврзана со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија, но јас го прашав зошто во таа ситуација се споменува Бугарија, а не конкретниот политичар на кој тоа се однесува“, изјави Кондов. 

Во обраќање на генералната дебата на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик, насловена „Обединети за Европа“ минатата недела, премиерот Ковачевски посочи дека дискурсот кој се користи во Бугарија кон Македонија е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина.

Тој додаде дека обвинувањата изнесени на Самитот од страна на претставникот на Бугарија, се целосно неосновани и доаѓаат од земја што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот на Европа во областа на човековите права.

„Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа. Северна Македонија е меѓународно призната како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права. Сите извештаи го потврдуваат тоа“, истакна Ковачевски.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk