22.8 C
Skopje
Wednesday, August 4, 2021

МЗ: Повикот, а не тендерот за нов клинички центар е законски и отворен за сугестии

Најчитани вести

Целата постапка за новиот Клинички центар се реализира во согласност сите важечки закони и прописи во Македонија, реагира Министерството за здравство на изјавата на Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа основно непознавање на позитивните законски прописи во Република Северна Македонија. Во врска со денешната прес-конференција, го потенцираме следното: Оваа Влада води вистинска грижа за пациентите и ја почна постапката за јавна набавка за изградба на нов универзитетски клинички центар, за пациентите да добијат достоинствени услови за престој во болница, како и вработените да имаат најдобри и современи услови за работа.

За изградбата на нов Клинички центар не е распишан „тендер”, туку постапка со конкурентен дијалог согласно Законот за јавните набавки. Истата е објавена на почеток на месец август и во оваа фаза на дијалогот проектот предизвикува огромен интерес од голем број реномирани домашни и светски компании. Сосема е разбирливо и очекувано, а самото име кажува, дека при постапка со конкурентен дијалог, поставување на прашања за дообјаснување е потребно да ги има во поголем број. Сите прашања од економските оператори се добредојдени и одговорени. Конкурентниот дијалог се води јавно и транспарентно преку електронскиот систем за јавни набавки, каде комплетната документација е достапна.

ВМРО-ДПМНЕ ги поканивме неколку пати да учествуваат и да ја следат работата на сите тела вклучени во проектот, а наместо да се вклучат и да може да даваат сугестии решија да играат на картата добивање на политички поени што во случајов нема да функционира дека проектот е целосно транспарентен

Со свое мислење се произнесе и Државната комисија за жалби по јавни набавки која е независна и самостојна во својата работа. Постапувајќи по службена должност даде свои коментари и насоки за постапување. По истите е веднаш постапено и документацијата е повторно објавена и повторно отворена за прашања.

Претходната Влада имаше 11 години можност за изградба на нов клинички центар. Владата на Република Северна Македонија е првата Влада која вистински е ангажирана и посветена за граѓаните да имаат нов клинички центар. Владата на Република Северна Македонија продолжува да води грижа за граѓаните да добијат достоинствени услови за престој во болница и современи услови за работа“, се вели во реакцијата на Министерството за здравство и се додава дека тие се отворени и транспарентни за појаснување или одговарање на прашања и дилеми поврзани со изградбата на новиот Клинички центар во Скопје.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести