7 C
Skopje
Saturday, March 6, 2021

МЖСПП: Малите и евтини сензори не даваат сигурни резултати за квалитетот на воздухот

Најчитани вести

Во врска со сè позачестената појава на набавка и мерења на квалитетот на воздухот со мали и евтини сензори, кои сè уште се далеку и од референтните и од индикативните станици, Министерство за животна средина и просторно планирање испрати објаснување зошто тие не може да бидат основа за мониторинг и оцена на квалитетот на амбиенталниот воздух.

„За разлика од мерењата што се вршат со Државиот мониторинг-систем за квалитет на воздухот (ДАМСКАВ), сè почесто во државава се шпекулира со податоци добиени од мерења со уреди, кои популарно се наречени сензори (Low Cost Sensors), кои не може да се земат предвид поради нивната голема мерна несигурност, дури ниту за индикативни мерења (примерот со Ѓорче Петров и Прилеп). Индикативни мерења се сметаат оние чиј критериум за квалитет на податоци е понизок од критериумот кој се однесува на фиксните мерења, a конкретно за ПМ 10 и ПМ 2,5 се оние што имаат до 50 отсто мерна неодреденост во споредба со референтната метода. Но, доста ретки се сензорите што може да имаат мерна неодреденост и до 75 отсто, а многу од нив не ни даваат информација за ова прашање ниту, пак, како е таа пресметана, што е најзначајно во целиот процес на мерење.

Мерењата со мобилните сензори покажуваат прилично нереални резултати поради тоа што сензорите имаат висока вредност на граница на детекција и не може со сигурност да се земат предвид измерените податоци. Резолуцијата при мерењето е различна и резултатите може да покажат разлика и до 1.000 пати. Друга причина за несигурноста на резултатите добиени од ваквите сензори е што тие имаат висока осетливост на промени на температурата и влажноста и кај нив се забележува заемна реакција на слични типови молекули. Тоа значи дека постои голема веројатност да не може да се разграничат разните загадувачки супстанции. Конверзиите од бројачите на честички во маса на ПМ се базирани на теоретски модел и мерениот сигнал зависи од многу фактори, како што е самиот облик на микрочестичката, бојата и густината, влажноста, индексот на рефлексија итн.“, соопшти Министерството.

Истовремено, се појавуваат и системи од сензори или таканаречени Smart Systems, кои претставуваат мрежа од сензори поставени на разни локации, но најчесто во близина на некоја референтна мониторинг-станица со мерни инструменти што работат според референтни методи. Сензорите постојано комуницираат меѓу себе, но и со референтната станица за понатаму да даваат резултати врз кои се врши корекција со помош на математички алгоритми, односно податоците од вистинските мерења од сензорите не се достапни и се затворени во т.н. Black Box. Повеќе информации за мерните методи и мерните инструменти кои се дел од ДАМСКАВ може да се најдат на следниот линк:
http://air.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2019/11/IstorijatDAMSKAV.pdf.

„Заклучокот е дека доколку квалитетот и точноста на податокот е од примарна цел, податоците од овие мобилни сензори не би требало да се земат предвид. Со тоа добиваме огромен збир од несоодветни податоци од извршени мерења со кои не може да се изработуваат ниту плански документи ниту, пак, тие може да се репортираат како валидни податоци.
Овие сензори може да бидат употребувани единствено за научни истражувања, но и тука треба да се внимава при анализа и користење на резултатите.

МЖСПП има воспоставено и систем на моделирање и изготвува тридневна прогноза на квалитетот на воздухот со користење податоци обработени со регионален модел SILAM, развиен од страна на Финскиот метеоролошки институт (FMI). Моделот обезбедува 72-часовна прогноза на аерозагадувањето на национално ниво за загадувачки супстанции ПМ 2,5, ПМ 10, СО2, НО2, СО и О3, кои се презентираат на веб-порталот за квалитетот на воздухот во РСМ. Презентацијата на резултатите што ги генерира моделот во прогностички режим беше воспоставена во соработка со стручните експерти од FMI во склоп на твининг-проект за квалитетот на воздухот. Значајно е да се нагласи дека обработката на податоците се врши во реално време на супер сервер во Финска за цела Европа, а на нашиот портал се прави визуализација на резултатите кои се однесуваат на подрачјето на државата со висока резолуција 10×10 км. Притоа, треба исто така да се нагласи дека моделирањето на квалитетот на воздухот носи голема несигурност. Особено кога станува збор за моделирање на концентрацијата на ПМ-честичките, што се должи на разните природни и антропогени извори на ПМ-честичките, како и локални извори на ПМ, кои не може да се земат предвид при моделирањето“, се додава во соопштението.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести