17.8 C
Skopje
Friday, October 22, 2021

Меџити: Не сум му дал ултиматум на Ахмети

Најчитани вести

Не сум му дал ултиматум на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту учествувам во заговор за независни кандидатури за градоначалници во општините Тетово, Сарај и за Чаир, ако претседателот не ги отстрани од Влада и од партијата Бујар Османи и Артан Груби, изјави за Плусинфо потпретседателот на ДУИ Изет Меџити.

Портали на албански јазик повикувајќи се на свои извори од ДУИ, објавија дека Меџити упатил ултиматум до Ахмети, до 15 јуни да ги отстрани Османи и Груби од партијата и од владата, во спротивно групата предводена од потпретседателот ќе номинира градоначалници во неколку битни општини за ДУИ на претстојните локални избори кои треба да се одржат во втората половина на октомври.

– Не е точно дека на Ахмети сум му поставил ултиматум. Не е вистина ни дека подготвуваме независни кандидати за градоначалници во Тетово, Сарај и во Чаир. Имам редовна комуникација со претседателот Али Ахмети, без посредници – изјави за Плусинфо Меџити.

Конспирацијата дека е можно крилото на Меџити да излезе со независни кандидати за градоначалници веројатно е бидејќи внукот на Ахмети, Фатмир Лимани, веќе најави независна кандидатура за градоначалник на Кичево.

Сепак, Меџити не одговри дали ги затоплиле односите со лидерот, откако јавно во неколку наврати се спротивстави на кадровските решенија на Ахмети.

Тој останува на позицијата дека Груби и Османи не се репрезентите од чаирскиот, односно од скопскиот огранок, кои треба да ја претставуваат волјата на граѓаните од Скопје. Тој досега повеќе пати упати сериозни критики до двајцата функционери. Со забелешки излезе и за распределбата на рамковно вработените, каде одговорен е првиот вицепремиер. Тој има забелешки и за концентрацијата на функции кај Груби, бидејќи тој е прв вицепремиер, секретар и ген-сек на ДУИ, шеф на кабинет на Ахмети, а како што вели Меџити, немал капацитет за тоа.

Меџити не одговори ни што мисли за ребрендирањето на ДУИ и за најавата за нова зелена агенда на интегративците.

Тој во минатата недела го реафирмира барањето за статусот на ОНА. Потпретседателот на партијата пред споменикот на Скендербег, а по повод одбележувањето на загинувањето на Имри Елези во 2001 година, изјави дека никогаш нема да се откажат од решавање на статусот на загинатите припадници на ОНА.

Недоразбирањата меѓу Меџити и Ахмети беа предизвикани при формирањето на Владата. Тогаш потпретседателот јавно истапи дека не се согласува Османи и Груби да бидат дел од извршната власт. Извесен период по тоа, Меџити се откажа од координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието.

Меџити му забележа на Ахмети и дека една година по конгресот на ДУИ сè уште не се оформени партиските тела и дека нема дебата во партијата ниту за кадровските, ниту за политиките на интегративците.

Засега нема одговор дали ќе се надминат недоразбирањата во врвот на ДУИ и ако тензиите не стивнат, како ќе се одрази тоа на партијата особено во пресрет на локалните избори.

Плусинфо, повикувајќи се на извори во партијата, веќе објави дека во минатата недела имало неуспешни обиди на сопартијци да ги затоплат односите помеѓу Ахмети и Меџити.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com