15.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022

Меѓународното право низ искривена призма

Најчитани вести

Од Сашо Таневски

Најновиот развој на настаните во Украина, веројатно, доаѓа и како резултат на децениското занемарување на придржувањето кон принципите на меѓународното право, како и на негово константно погазување и обликување според интересите и потребите на големите сили. И најновите воени напади, како и безброј пати претходно во минатото се само уште една потврда дека работите во светот функционираат врз принципот на сила, наместо врз принципот на правото востановен со Повелбата на Обединетите нации по завршувањето на Втората светска војна. Се чини дека лекциите од сите досегашни војни, страдања и огромни човечки загуби не беа доволни за воспоставување еден функционален систем на меѓународни правни норми со кој во иднина ќе се превенираат какви било воени дејства, а недоразбирањата меѓу земјите ќе се решаваат преку дијалог, врз база на рамноправност и со строго почитување на меѓународното право во секоја ситуација.

Сепак, без оглед што сите земји се обврзаа дека ќе го почитуваат правото во меѓународни рамки, тоа не се случи. Напротив, во трката за подобро стратегиско позиционирање големите сили најчесто се оглушуваа на меѓународното право и постојано наоѓаа начини како да го заобиколат и да го протолкуваат на свој начин и во своја полза. Таквото повеќедецениско однесување доведе до експанзија на хегемонистичките политики на големите сили низ светот, за кои единствена основа за дејствување стана силата на мускулите (оружјето), наспроти принципите и постулатите во Повелбата на Обединетите нации врз кои почива меѓународното право. Тоа ги стави во подредена позиција малите и послаби земји, на кои токму меѓународното право им беше единствената заштита пред налетот на силата.
Русија најде меѓународноправна оправданост за интервенцијата во Украина во украинското загрозување на суверенитетот на областите Донецк и Луганск, кои неодамна ги призна, додека Западот забележа прекршување на меѓународното право во нарушувањето на територијалниот интегритет на една суверена земја и во непочитувањето на меѓународните договори Минск 1 и Минск 2.

Секој на свој начин го толкува меѓународното право. И сега кој е во право, а кој во криво според меѓународното право. Зашто е нелогично, нели, ем сите да се во право, а истовремено и сите да се повикуваат на погазување и прекршување на меѓународното право.

Во време кога луѓе повторно гинат, се плашат и ги напуштаат своите домови, апсурдно е да се зборува кој го прекршил меѓународното право и кој е во право, а кој е во криво. Сите се виновни за ваквите случувања бидејќи дозволија светот да го делат силните држави онака како што им одговара на нивните интересни сфери, а не онака како што наложува еден меѓународен поредок во кој силата на правните аргументи и дијалогот за надминување на проблемите требаше да бидат единствените алатки во надминувањето на споровите.

Оттаму веројатно, ниту Москва, ниту Вашингтон, ниту Лондон, Берлин или Брисел немаат право да се повикуваат на почитување на меѓународното право бидејќи тие со него го избришаа подот, го погазија по секаква основа. За ова има мноштво примери, а Македонија и директно на своја кожа го почувствува газењето на меѓународното право од страна на посилните и помоќните од неа.
Бомбардирањето на СР Југославија без одлука на ОН, воените интервенции во Авганистан, Ирак, Либија, Сирија, се само дел од примерите во еден релативно мал временски интервал во кој најдобро беше илустрирано непочитувањето на меѓународното право. Тоа се случуваше и претходно, што е само дополнителна потврда дека станува збор за константно погазување на правото во меѓународни рамки уште од неговото воспоставување како принцип преку кој треба да се решаваат отворените спорови.
Македонија најдобро ги почувствува на своја кожа ова меѓународно (не)право и моќта на големите наспрема малите од моментот кога посака да стане независна држава. Иако Бадентеровата комисија процени дека земјава ги исполнува сите услови да се стекне со независност, тогашната Европска економска заедница (сегашна ЕУ) безобѕирно го погази меѓународното право и не дозволи признавање на земјата. Дури и Обединетите нации, светскиот чувар на тоа меѓународно право, најдрско ја погазија сопствената Повелба и ја условија земјава со прием под референца, игнорирајќи го основното право на државите да се нарекуваат како што сакаат. Потоа на сцена стапи Грција, која спротивно на меѓународното право го блокираше влезот на Македонија во повеќето меѓународни организации барајќи од неа да го промени името. Следуваа ембарга, нови блокади, економска војна, непочитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, сè додека пред три години Македонија не беше принудена да го промени уставното име. Кога заврши грчкото силување на меѓународното право, на сцена стапи Бугарија, која продолжи со операцијата на целосно обезличување на еден народ и на неговата држава. Ова е најфлагрантно прекршување на меѓународното право и без да се преземат воени дејства, туку преку уцени и притисоци се прави класичен етноцид, на што ОН и другите меѓународни организации не реагираат и молчат. За Бугарија не важат пресудите на Судот за човекови права од Стразбур, не важат меѓународното право на самоидентификување на еден народ и правото да го именува сопствениот јазик како што сака, туку само принципот на моќ врз послабиот.

Несомнено секогаш низ историјата примерите со газење на меѓународното право доведуваа до трагични последици, за некого војни, за некого обезличување и уништување. Тоа во моментот се гледа во Украина, но и на други места низ планетата, кои можеби не се толку интересни за светските меинстрим-медиуми. Секој кога правото го толкува од своја перспектива, тогаш доаѓа до големи загуби и до непоправливи штети. Последиците од настаните во Украина веќе почнаа да се чувствуваат и ќе се чувствуваат на подолг рок. Цените на нафтата и гасот продолжија да растат, берзите крахираа, економиите се во застој, така што сето ова што во моментот се случува во Украина, сериозно ќе ја погоди Европа. Тоа е резултатот на повеќедецениското непочитување на меѓународното право – сиромаштија, глад и неизвесна иднина.

Можеби сè уште има шанса да се запре воената машинерија пред работите целосно да излезат од контрола, да се врати функционирањето на меѓународното право на вистинските принципи врз кои почива. Тоа мора стриктно да се применува и да важи еднакво и за големите и за малите земји, контролирано од непристрасно наднационално правно тело што ќе одлучува во име на законите, а не во име на парите и интересите. Ако не се воспостави таков механизам, тогаш треба да се констатира дека светскиот поредок едноставно не постои и дека со светот ќе продолжат да владеат моќните држави. Во таков случај се губи и смислата на постоење на ОН и Советот за безбедност, бидејќи воените походи започнуваат и без негова одлука.

Во таква ситуација помалку моќните земји, меѓу кои и Македонија, остануваат целосно незаштитени и препуштени на милост и немилост. Тие, без почитувањето на принципите на меѓународното право, се оставени да ги гледаат настаните во Украина, Авганистан, Сирија, Ирак и да се прашуваат дали тие се следните. Наместо светски поредок заснован врз правни принципи, светот загазува во сè подлабока кал од која тешко ќе се извлече. Никако не смее да се дозволи тоа.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com