15.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022

„Меѓународен сојуз“: Девет години затвор за Боки, ослободителна пресуда за Ременски

Најчитани вести

Обвинителството во овој процес тврдеше дека под превезот на невладината организација, двајцата бизнисмени Силјан Мицевски од градежната компанија „Пелистер“ и Ардијан Амзоски од „Дрим билдинг“ биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси и дале речиси еден милион евра. Обвинетите, пак, уште од почетокот на судскиот процес тврдеа дека не станува збор за никаква измама туку за реални проекти и обвинуваа дека предметот е конструкција
Три затворски казни, една условна и една ослободителна пресуда, е исходот од судскиот процес „Меѓународен сојуз“ што се водеше пред Одновниот кривичен суд во Скопје.

Според одлуката казните за обвинетите се:

Бојан Јовановски – Боки 13 – 9 години затвор (по 5 години за делата измама и перење пари кои пресметани во единствена затворска казна од 9 години)
Јасна Ерцеговиќ – 4 години затвор (по 2 и пол години за помагање на двете дела, пресметани во единствена затворска казна од 4 години)
Фросина Ременски – Ослободителна пресуда (беше обвинета за помагање во делото измама)
Христина Блажевска – 1 година затвор (казната се однесува за помагање во делото перење пари, додека за помагање во делото измама таа доби ослободителна пресуда)
Миле Јовановски – условна осуда 2 години затвор кои нема да се извршат ако во рок од 5 годни не стори ново кривично дело
За виновен како правно лице е прогласен и Меѓународниот сојуз кој ќе треба да плати еден милион денари.

Судечкиот совет кој постапуваше во овој предмет и ја изрече денешната пресуда го предводеше судијката Софче Гаврилова-Ефремова. Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Според обвинителството бизнисмени биле измамени со проекти за старечки домови – за одбраната ова е конструиран случај
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението на 3 јануари 2020 година, судот го одобри на 12 мај истата година, додека судењето започна во јули 2020 година.

Јовановски како претседател на невладината Меѓународен сојуз во случајот е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Обвинителството тврди дека под превезот на невладината организација, двајцата бизнисмени Силјан Мицевски од градежната компанија „Пелистер“ и Ардијан Амзоски од „Дрим билдинг“ биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси и дале речиси еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евро.

Јасна Ерцеговиќ, која беше заменик-претседателка на Меѓународниот сојуз, и Христина Блажевска, асистенка на Јовановски, товарат за помагање во делата што ги извршил првообвинетиот.

Поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, пак, беше опфатена со обвинението поради помагање во делото измама. За неа обвинителството тврдеше дека со својот углед и авторитет го поддржувала Боки и одела на неговите средби со бизнисмените давајќи му совети и упатства за оштетените да стекнат доверба во, според обвинителството,наводниот проект за старечки домови.

Таткото на Боки, Миле Јовановски, во случајот се најде како петообвинет бидејќи, според обвинителството, му помагал во кривичното дело перење пари, а на товар му беше ставено и делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација Меѓународен сојуз.

Од друга страна, пак, обвинетите уште од почетокот на судскиот процес тврдеа дека не станува збор за никаква измама туку за реални проекти и обвинуваа дека предметот е конструкција.

„Ако поддршката за некого е кривично дело, во истиот момент можам да се пријавам за уште 15 поддршки кои отворено сум ги дала за проекти и активности“,

рече Ременски на стартот на судскиот процес.

Јовановски, како што беше случај и на почетокот, така и на крајот од судскиот процес пред првостепениот суд ги отфрли сите обвинувања. Тој тврдеше дека немало ниту намера ниту мотив ниту идеја да бидат доведени во заблуда двете компании, „Пелистер“ и „Дрим Билдинг“, со кои потпишале договори и се повика и на сведочењата на бизнисмените кои рекле дека веруваат во проектот.

Боки тврдеше и дека тој всушност е оној кој бил измамен и злоупотребен од претставници на владејачката гарнитура на чело на поранешниот премиер Зоран Заев. Измамен сум, рече тој, од Зоран Заев и Стефан Богоев, но најмалку од Фросина Ременски.

Отфрлајќи ги обвинувањата дека перел пари, тој во завршните зборови го спомена и претходниот судски процес против него, познат во јавноста како „Рекет“.

„Немојте да мислите дека стапнав од Марс и сум зел пари како од претходниот предмет ’Рекет‘ наводно од Камчев, потоа и од бизнисмените во овој предмет“,

рече Јовановски.

Во „Рекет“ пресудата е веќе правосилна. Таму Јовановски е осуден на девет години затвор за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а во затвор се наоѓа и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која доби седумгодишна затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com