Останаа уште две празни места за Мундијалот – едното ќе биде пополнето в понеделник од 20.00, а последното ден подоцна. За претпоследното место на Светското првенство во Катар, в понеделник од 20:00 часот ќе се борат Австралија и Перу, додека последниот учесник на Мундијалот ќе биде одлучен ден подоцна, исто така во Катар со дуелот меѓу Костарика и Нов Зеланд. Двете средби се играат во рамките на Интерконтиненталниот плеј-оф.
Препрека по препрека минуваа репрезентативците на Австралија, зад себе имаат дури 15 натпревари (дел во квалификациите на Азија, дел во континенталниот плеј-оф со Обединетите Арапски Емирати), а уште не се завршени квалификациите за Мундијалот. Последниот предизвик ги чека во Катар, каде што ќе се судрат со Перу, петтопласираната селекција во јужноамериканските квалификации. Победникот добива виза за Мундијалот и место во групата со Франција, Данска и Тунис. Поразените нема да имаат нова шанса.
„Кенгурите“ минатиот вторник со гол во финишот ги совладаа Обединетите Арапски Емирати со 2-1 и заслужено изборија меч со Перу, додека Јужноамериканците последната официјална средба ја одиграа во март, а како подготовка имаа тест со Нов Зеланд. Во него славеа со 1-0, со голот на Џанлука Лападула пред крајот на мечот.
Претходниот меѓусебен дуел на двете репрезентации беше во 2018 на Светското првенство во Русија. Ждрепката ги стави во иста група, а Перу славеше со 2-0 со голови во двете полувремиња. И овојпат поголеми шанси се даваат на екипата на аргентинскиот тренер Рикард Гареке, кој во 2019 со Перу беше втор во Јужна Америка, а во 2015 трет. Веќе седум години е на клупата и со селекцијата учествуваше на Мундијалот во Русија.
Сепак, не ги чека лесна задача. Веруваме во тврд натпревар, каде што победникот ќе биде одлучен во вториот дел, а можеби и по истекот на деведесет минути…