Албанскиот претседател Илир Мета постхумно го одликува неговиот претходник Бујар Нишани, со орден на националното знаме, што е највисоко признание во земјата.
Орденот му се доделува за „неговиот голем придонес во сите негови високи државнички задачи, за зајакнувањето на демократијата и институциите, за евроатланската и европска интеграција на земјата, за заштитата и промоцијата на националните интереси. Во чест на интегритетот и високото човечко достоинство, како модел на државник кој посветено и одговорно работеше во служба на татковината.
Нишани (56) почина во саботата во клиника во Берлин, Германија. Најпрво беше хоспитализиран во болницата „Шефќет Ндрочи” во Тирана, на 20 април поради компликации од пневмонија надредена на постковидна фиброза во белите дробови каде остана на терапија со кислородна поддршка три дена. На 23 април беше пренесен во клиниката во Германија. Боледувал и од автоимуна болест на црниот дроб. Посмртните останки во Тирана беа пренесени во вторникот а погребот е денеска на гробиштата Шара.
Со одлука на Владата денешниот ден во земјата е прогласен ден на национална жалост и на сите јавни институции знамињата да бидат спуштени на половина копје.
Нишани е роден е на 29 септември 1966 во Драч. Претседател стана на 45-годишна возраст и беше најмладиот претседател на посткомунистичка Албанија. Пред тоа Нишани беше министер за внатрешни работи и правда. На претседателската функција беше во периодот 24 јули 2012 до 24 јули 2017 година. Оженет е и е татко на две деца.
Нишани беше шести претседател на земјата по падот на комунизмот а е втор починат по Рамиз Алија кој беше прв претседател по падот на комунизмот а почина на 9 октомври 2011 година.