20 C
Skopje
Sunday, April 11, 2021

Месечината на Сатурн, Титан има море длабоко да го истражува и подморница

Најчитани вести

Титан е единствената месечина во Сончевиот систем што има атмосфера, езера, мориња, планини, долини, дожд, бури… Неговото најголемо море во иднина би можеле да го истражуваат и подморници, тврдат астрономите кои откриле дека е доволно длабоко за тоа.

Астрономите ја проценија длабочината на вонземското езеро чија големина е речиси еднаква на големината на групата од пет големи езера на границата меѓу САД и Канада. Неговата длабочина, според научниците, изнеусва околу 330 метри, што потенцијално го прави идеален и за подводни истражувања со идна роботска подморница.

Се работи за езеро на најголемата месечина на Сатурн, Титан. Сатурн има 82 природни сателити, но Титан е убедливо најголем. Всушност, толку е голем што е поголем од планетата Меркур, и е единствената позната месечина во Сончевиот систем што има атмосфера. Титан има дожд, бури, езера, океани, долини, планински масиви и дини.

За неговото најголемо море, Кракен, сега е позната и длабочината.

„Длабочината и композицијата на секое море на Титан е веќе измерена, освен за најголемото море Кракен, кое покрај големото име, всушност содржи 80 проценти од сите површински течности на таа месечина“, вели Валерио Поџали од Центарот за астрофизика и планетарна наука на универзитетот Корнел.

Податоците со помош на кои астрономите всушност дошле до проценка на длабочината на најголемото море на Титан, биле собрани од сондата на NASA, Cassini, уште на 21 август 2014 година, но дури сега се обработени и објавени во рамките на студијата во научното списание „Journal of Geophysical Research“.

Титан има и чудни минерали, кои едноставно не постојат на Земјата и за кои се претпоставува дека ги формираат прстените околу морињата на Титан, вклучувајќи го и Кракен Маре.

Но, ова не се обични мориња, како што ги знаеме на Земјата, бидејќи самиот Титан нема баш многу заедничко со Земјата. Неговата атмосфера е составена од 98 проценти азот и два проценти метан, а неговите езера и мориња не се составени од вода, туку ги сочинуваат течен етан и метан.

Споменатата сонда Cassini го откри морето Кракен уште во 2008 година, а бидејќи се работи за најголемото море на Титан, беше именувано по митското морско чудовиште. Кракен Маре има и архипелаг на острови.

Cassini ги собираше податоците од 1000 километри над површината на Титан, а астрономите успеаја од податоците да ја извлечат точната длабочина во Мореј синусот, утока лоцирана на северниот крај на најголемото море на Титан.

Од овие податоци, ја екстраполирале и длабочината на самото море, бидејќи неговата длабочина сепак била преголема за радарот на Cassini.

Поџали истакнува и дека благодарение на сите тие мерења и податоци, научниците сега можат да ја откријат густината на течноста со поголема прецизност, и следствено на тоа, подобро да го калибрираат сонарот на пловилото и подобро да ги разберат морските струи.

Со други зборови, некогаш во иднина, морето на Титан може да биде истражено од подморница „вооружена“ со научна опрема.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести