Home » „Меморија“ го сплоти народот со песна и покажа дека Македонија е жива, горда и вечна!

„Меморија“ го сплоти народот со песна и покажа дека Македонија е жива, горда и вечна!

by Журнал.мк

„Меморија“ вчеравечер, сабота 11 јуни 20220 година ја „урна“ А1 арената „Борис Трајковски“. И покрај сите неприлики и малери кои му претходеа на долго најавуваниот концерт, групата на македонската публика и го приреди досега најголемиот концертен спектакл во последниве години, ако не и воошто, што една македонска група го направила.

Исполнета до максимум, салата беше претворена во концертна арена со сите нишани. Досега неслушнат звук доведен до работ на совршенство визави лошиот глас што ја бие акустиката на салата, како да настапува светски познат бенд, а не македонска група. Визуелните и светлосните ефекти во комплетна функција на она што се случуваше на сцената, атмосферата максимално загреана уште во самиот старт со настапот на младите музичари од бендот „2ВЕ“ кои беа достојна предгрупа на големата „Меморија“.

Со првите звуци на сајзерите и гитарските тонови веднаш се почувствува набојот на позитивна вибрации кој публиката беше подготвена да го создаде заедно со бендот. Култната „Македонија“ за старт на концертот кој беше многу повеќе од само обична рок ен рол журка.

Како што се редеа песните од првата фаза, од почетоците на постоењето на бендот, така навираа емоциите вткаени во стиховите кои со текот на годините стануваат се посуштински, поважни, побитни… Некои од нив дури и историски! Бендот усвирен до бескрај, звучи како уиграна машина која полека го достигнува својот зенит со секоја нова песна , секој нов рефрен, доведувајќи ја атмосферата до точка на вриење…

Поце пее како во најдобрите денови, суверено владејќи и со сцената и со публиката која возвраќа со невиден фидебек на искрени емоции, страст, енергија… Невидено чувство на сплотеност на оние на сцената и публиката која во еден глас ги пее од збор до збор сите песни, танцува во ритамот, ги повторува познатите хит рефрени заедно со Поце… Само народот во еден глас и вокалот на пејачот… Величенствено чувство на исполнетост, задоволство, мерак за душата, кој како никогаш досега се чувствуваше со секој отсвирен тон и секој испен стих…

Некаде на половина концертот влегува во „мирни води“, во баладична фаза во која се редат познатите сентиш теми со епски стихови… „Зошто Боже“, „Возови“, и химната на сите генерации – „Оган под ѕвездите“. Ѕвезденото небо од мобилните се претопува со она од светлосните ефекти, а додека целата сала пее во еден глас: „Не барајте вино испиено е…“ навираат морници по телото, спомени во мислите и неподнослива убавина во душата што се радува од глетката…

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk