-1.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023

Медиумски авторитети – (не)слободни медиуми

Најчитани вести

Слободни медиуми – бегол преглед да проследиме и видиме што пишуваат, не пишуваат демократско-либералните западни таканаречени слободни, независни медиуми. Светол пример: Франција воено го напаѓа Мали, без никаков консензус, согласност од ЕУ, НАТО, ОН… Каде и во кој медиум видовме жртви, цивилни жртви, страдања? Видовме понекоја срушена куќа и неколку запалени возила, и тоа е сѐ. Наслови и извештаи дека тоа било неминовно и морале да нападнат, поради некакви џихадисти, терористи и сл. Но никаде нема да прочитате дека напаѓаат поради ураниумот што се произведува таму и со кој се снабдуваат 90 отсто од француските нуклеарки. Пример бр. 2: Причината за воениот напад над Ирак. Ирак имал нуклеарно оружје, мораше да биде нападнат. Го нападнаа, разурнаа, разораа, разделија, нафтата му ја експлоатираат, а нуклеарното оружје не беше пронајдено! Либија, каде што мојот татко во рамките на меѓународна техничка соработка помина 12 години и каде што напати престојував, беше нападната, ја разурнаа и разделија, поради „страшниот монструозен режим“, со кој пред тоа сите соработуваа, го разурнаа и разделија, камерите се исклучија, а нафтата и понатаму ја експлоатираат. Голем број примери: Египет, Саудиска Арабија – тие можат да прават сѐ, но ни требаат, за нив нема да пишуваме. За ваквите сериозни теми, дилеми, очигледни случувања се замижува, молчи.
Никогаш не е докрај разјаснето што, всушност, се подразбира под опсегот слобода или неслобода во медиумите. Едни сметаат дека слобода и медиуми има премногу, како никогаш досега, други, пак, сметаат дека владее медиумски мрак. Некои сето тоа го заокружуваат како автоцензура, наводно психолошки проблеми, „експертски“ анализи, дебати, препукувања, малициозност…

Едно е сигурно, просторот за клучните претпоставки за создавање, негување и градење авторитетна позиција, медиумскиот поглед и професионалноста во медиумската дејност одамна се стеснети и затворени. Постарите и поискусни новинарски пера кај нас навремено ја детектираат новонастанатата ситуација и набрзина се престројуваат и позиционираат според сопственото убедување, лево-десно во транзицискиот галиматијас. Некои успеваат, некои дури и капитализираат, но најголемиот дел од новинарскиот еснаф ги живее премрежињата на суровите ветрометини на преминот од систем на неизвесност во задоцнет идеализам, во заблуди што никако не можат да ги разберат. Единствена утеха им се извештаите на „Фридом хаус“, „Репортери без граници“ и на европските комисии што повикуваат на повеќе слобода во медиумите, незлоупотреба, уриет…
Слободата во медиумите не е општа форма – во медиумите има онолку слобода за колку што новинарите сами ќе се изборат, коментираат некои видни новинарски пера. Дали е тоа задоцнета илузија, носталгичен рецидив на Гутенберговиот теоретски дискурс, во обид за емоционална и романтична аналогна симулација на претпоставената стварност. Слободата во нив отсекогаш била и останала привид – реалност условена од моќта, интересите на поединци, групи, во која светот на вистинските луѓе и вистинските погледи денес е претворен во виртуелен нов сензибилитет, кој ни се поттура секојдневно како моќна технологија на свеста, способна во секој погоден момент да го рециклира минатото, да ја рекомпонира сегашноста, да ги преуреди јавната и приватната сфера.
Дали се можни слободни медиуми во вистинската смисла на зборот?Во услови на силен технолошки подем и апсолутна медијализација на стварноста, имаме претпоставена рамка за слободни медиуми, подвлекуваат либералните мислители. Она што му остана на новинарството се единствено јасните правила на игра за да може да ги расчисти конфузиите и етичките проблеми напластени во медиумите во делот на професионалните стандарди. Објективност да се прашаат двете страни, да се додаде плус вредност, да им се отстапи простор на оние што се безгласни…

Но она што загрижува повеќе е сложениот и трнлив пат на авторитетни новинарски пера и брендови, столбови на медиумското битие. Такви има сѐ помалку, нови тешко се создаваат. Сето тоа заедно ја создава грдата слика на дејноста и еснафот, кој е најпрвин силно поларизиран, а потоа и депрофесионализиран.
Можеби една од причините за неможноста да се создаде авторитетна позиција (и покрај големиот број регистрирани журналисти во Македонија) е изгубена битка (без борба), со политиката, чие влијание во медиумите денес (отсекогаш) е доминантно, не само кај нас туку на глобално ниво. Медиумски писмени, поновите генерации политичари се движечка и носечка содржина и форма во медиумската дејност. Тие свесно и со одредена цел го анектираат просторот и се главни колумнисти во печатените медиуми, најчести гости во електронските медиуми. На новинарите им е оставен мал тесен појас за себеизјаснување и најчесто им е доделена улогата на модератори, кои често поставуваат и нарачани прашања, понекогаш ситно провоцираат. Сѐ на сѐ, епизодисти, статисти, кои брзо согоруваат. Ѕвезди на медиумското небо денес се протагонисти од политичкиот живот, кои во последно време се посјајни и од спортистите, пејачите, уметниците. Големите новинарски имиња се сѐ поретки. Тие полека исчезнуваат паралелно со растурање на професионализмот и големите медиумски системи или се преобразуваат во легенди и стануваат документ на медиумското и историското паметење за идните поколенија.
„Среќен сум и задоволен што новинарите се обединија. Денеска направивме еден собир, да речам, најголем во историјата на македонското новинарство, каде што повеќе од 450 новинари, сниматели, медиумски работници, дојдоа демократски на фер начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи новинарството понатаму…“, изјави Младен Чадиковски по редовното годишно изборно собрание, каде што повторно е избран за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Нека му е со среќа.

Аљоша Симјановски

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести