-3.2 C
Skopje
Wednesday, January 19, 2022

Матичните лекари со реакции за новите мерки: Нема сила што ќе ги натера на „игла“

Најчитани вести

Нема сила што може да го убеди пациентот да се вакцинира ако не сака. Првото што ќе ми го каже е – „јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент“. Топ-шоп телеоператори треба да бидеме наместо лекари, вели д-р Лазаров за „Слободен печат“.

Во мојата ординација вакцинирани против ковид се нешто повеќе од 40 отсто од прикрепените пациенти. Сите други со кои сум се обидел да разговарам, формално или неформално, не сакаат ни да слушнат за вакцинација.

Ова е реакцијата на матичниот лекар и претседател на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, доктор Ненад Лазаров, на предлогот на Комисијата за заразни болести до Владата секој матичен лекар, кој ќе успее 70 проценти од „неговите“ пациенти да ги убеди да се вакцинираат против ковид, да добие бонус од 30 денари по пациент. Оваа предлог-мерка со цел да се зголеми вакциналниот опфат во земјава, требаше да ја разгледува Владата.

– Нема сила што може да го убеди пациентот да се вакцинира ако не сака. Првото што ќе ми го каже е „јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент“. Топ-шоп телеоператори треба да бидеме наместо лекари – вели д-р Лазаров за „Слободен печат“.

Тој се жали дека некои пациенти ги понижуваат, барајќи од него да потпише дека нема ништо да им се случи ако се вакцинираат.

– Најчесто не сакаат да се вакцинираат од небулозни причини, а потоа, кога ќе дојдат болни, бараат да ги лекувам, се каат – вели д-р Лазаров.

Тој додава дека не е во ред здравствените власти на матичните лекари да им ја префрлаат топката за неуспешно спроведената вакцинална кампања. Освен тоа, за него е спорно што немаат база на податоци на вакцинирани, па досиејата треба да се прегледуваат едно по едно што одзема многу време.

Митко Манчев вели дека мерка е најголемо непочитување кон матичните лекари.

– Филипче веднаш да го смени советникот во примарното здравство. Јас имам ординација во Ново Село, Струмичко, со 1.400 пациенти. Вакцинирани против ковид ми се околу 30 до 40 проценти од пациентите. Уште од почетокот ги анимираме пациентите за придобивките од вакцинацијата, затоа што јас сум тој што ги лекува, во скафандер, а не преку телефон. И сега мене кога ќе ми дојде пациент, ќе ми каже в лице дека за 30 денари се обидувам да го вакцинирам?! Се создава недоверба дека тоа го правиме за пари, а не базирано на медицина базирана на докази. Ставени сме во позиција пациентите да нè доживуваат како профитери – вели Манчев.

Тој вели дека успеал да разубеди антиваксери кажувајќи им дека и тој самиот, а и медицинската сестра во ординацијата се вакцинирани, за да можат дневно да прегледуваат и по 10 позитивни пациенти со ковид.

– Оние што не сакаат да се вакцинираат имаат различни причини. Најголемата е – Фејсбук и Гугл. Читаат неиздржани антивакцинални ставови по социјални мрежи. Сто лекари да му кажат дека треба да се вакцинира, тој се држи за еден неавторитетен извор и него го следи. Најмногу е присутен стравот дека ќе им се случи нешто – додава матичниот лекар Манчев.

Актуелните тестови го детектираат и сојот омикрон
Сојот омикрон, за кој има индиции дека е позаразен, но не се знае дали предизвикува потешка клиничка слика или не, не беше причина Комисијата за заразни болести да предложи некаква превенција или рестрикции.

ПЦР-тестовите може да го регистрираат и овој мутиран сој, кој има повеќе од 30 мутации во шилестиот протеин. Фармацевтските компании најавуваат дека ќе ги адаптираат своите вакцини да може да одговорат на потенцијалната опасност од сојот омикрон.

Некои земји превентивно се затвораат за патници од јужниот дел на Африка. Израел забрани влез и излез од државата за странци, САД воведе рестрикции за авионските летови од Јужноафриканската Република, а европските земји бараат карантин и тестирање од патниците.

Пановски: И без сојот омикрон нужни се построги мерки
И со и без сојот омикрон треба да има рестрикции, како онлајн-настава со ротации, намален капацитет во угостителските објекти на 30 проценти и забрана на собири по 22 часот, изјави проф. д-р Никола Пановски за „Дојче веле“.

– Не е прашање дали сојот омикрон ќе пристигне во земјава, туку кога. Додека тоа не се случило, треба да се преземат мерки да се забави процесот – вели тој.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com