Илјадници незадоволни Аргентинци го блокираа центарот на Буенос Аирес за време на насилните улични протести, барајќи од владата да ги зголеми платите и бенефициите за невработеност погодени од зголемените животни трошоци и слабеењето на националната валута, пезосот.
Економската криза во оваа латиноамериканска држава доведе до зголемување на бројот на сиромашни на 40 отсто од населението додека претседателот Алберто Фернандез се бори да најде решенија за галопирачката инфлација која се движи околу 70 отсто, пишува Ројтерс.
Удирајќи во тапани и мавтајќи со знамињата на синдикатите и на голем број левичарски групи поврзани главно со владејачките перонисти на Фернандез, демонстрантите вчера стигнаа до претседателската палата Каса Росада и зградата на Конгресот откако маршираа по главните авении на главниот град, запирајќи го сообраќајот.
– Не можеме да продолжиме со ова ниво на инфлација бидејќи секојдневно губиме дел од платите – изјави Пабло Мојано, шеф на синдикатот CGT кој главно ги застапува државните службеници.
Цените на храната редовно се приспособуваат за да бидат во чекор со галопирачката инфлација, која само минатиот месец порасна за 7,4 отсто, што е најголем месечен пораст во последните две децении, пренесе Блиц.рс.