21.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022

Маричиќ: Со Бугарија градиме мостови на трајно пријателство, ама треба меѓусебно почитување

Најчитани вести

Ние покажавме дека знаеме да градиме мостови со соседите и да подадеме рака, а бугарската Влада и претседателот Румен Радев, имаат историска можност да подадат рака да изградиме мост на доверба и пријателство, порача вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тој очекува бугарската страна да го отстрани несогласувањето со Преговарачката рамка, ослободена од сите билатерални товари, за да може да ја одржиме правата меѓувладина конференција и со тоа да започне процесот на пристапни преговори.

– „Ние сме пријатели со Бугарија и ќе градиме пријателски односи. Први соседи сме, сојузници во НАТО, ќе бидеме заедно и во ЕУ. Стратешко долгорочно пријателство мора да се гради постојано. Лесно се рушат мостови, но тешко и долго се градат. Ние сме подготвени да градиме мостови на трајно пријателство, но потребно е да имаме меѓусебно почитување и основа за заштита на нашите интереси“, изјави Маричиќ на панел дискусијата „Демократијата во Европа – 30 години по Мастришкиот договор: Нови прашања за европската иднината и дилемите поврзани со проширувањето“.

Тој оцени дека дилемата околу иднината на Европа стана прашање во јавниот дискурс поради стагнацијата во политиката на проширувањето на Унијата и тоа со почетокот на војната во Украина, која за жал, на најтрагичен начин покажа дека прашањето за проширување е истовремено и безбедносно прашање како за регионот, така и за самата Унија и веќе не е прашање само за кредибилитетот на ЕУ.

„Ние одамна ја имаме надминато оваа стратешка крстосница и не само што донесовме правилни одлуки и постојано докажуваме дека сме искрен и доверлив партнер на Унијата, туку и цврсто чекориме кон реализација на целите. И затоа очекуваме државите членки на Унијата, да ја прилагодат оптиката на реалноста и да одговорат на денешните предизвици од кои ќе зависи иднината на Европа“, истакна Маричиќ.

Тој оцени дека иако во изминатите три децении ЕУ не остана имуна ниту на надворешните, ниту на внатрешните кризи, а тоа го гледаме и денес, но 30 години подоцна Европа тешко наоѓа друг, поинаков проект што би ја заменил.

Претседателката на Европското движење, Милева Ѓуровска, на отворањето на панел дискусијата рече дека, војната на европско тло е закана за мирот на целиот континент и една причина повеќе за поголема солидарност со земјите кандидатки за членство.

„Подолго време добивавме само охрабрувачки зборови, но реално процесот е во статус кво состојба. Ова особено се однесува на нашата држава, која покажа политичка храброст за промена на името и отвореност да ги прифати новите преговарачки услови“, изјави Ѓуровска.
Официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, порача дека прашањето за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е од безбедносен аспект и многу поважно од кога било досега.

„Ние во рамките на ЕУ сакаме да бидеме заедница на вредности и да бидеме меѓусебно солидарни и мислам дека не е полезно проблемите надвор од ЕУ да се користат како средство за притисок и на тој начин да се спречува членство. Знаеме дека перспективата сега не е многу оптимистичка, меѓутоа Германија и многу земји од ЕУ и институциите овде работат со полна пареа на тоа. Но, и ние не можеме секогаш да ги убедиме сите, не можеме да постигнеме консензус, а тоа е средство што го користи ЕУ“, изјави Браун

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com