Home » Маричиќ-Рот: Процесот на преговори со Унијата мора да се одвива непречено

Маричиќ-Рот: Процесот на преговори со Унијата мора да се одвива непречено

by Журнал.мк

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ имаше средба со пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаел Рот, на која разговараа за следната фаза во евроинтеграцискиот процес и за важноста од непречено одвивање на процесот на скрининг, информираат од неговиот кабинет.

„Навистина ми е драго што сте денес во посета на Северна Македонија, земја која ги започна преговорите за полноправно членство со ЕУ. Во овој наш успех стои и Вашиот личен ангажман, како и напорите и принципиелната поддршка од Вашата влада за проширувањето на Унијата на земјите од Западен Балкан“, истакна Маричиќ на почетокот на средбата.

Тој го информирал Рот за чекорите кои земјава ги презема по прифаќањето на францускиот предлог, како и за претстојната промена на Уставот. Со пратеникот Рот се согласиле дека во процесот на уставни измени е потребно сите политички чинители да застанат зад државниот интерес, со цел процесот на преговори да се одвива непречено.

Маричиќ на состанокот го брифирал Рот и за процесот на подготовки околу скринингот, кој започнува на 15-ти септември, како и на ревидираната преговарачката структура која ќе биде усвоена идната недела, потенцирајќи дека институциите по координативните состаноци интензивно се подготвуваат за следната фаза во евроинтеграциите, а тоа е скринингот.

Маричиќ и Рот потврдиле дека гледајќи од денешна перспектива, кога Европа и светот се соочуваат со нови предизвици, се вреднува секој напор направен во насока на приближување на земјава кон ЕУ и извесното полноправно членство на Северна Македонија во Унијата.

Европската Унија не е само политички проект, таа е и мировен, потврдиле Маричиќ и Рот на средбата. Рот додал дека Северна Македонија направи многу во исполнувањето на европските критериуми и дека вака подготвени имаме добра основа, со добра динамика да ги водиме преговорите, а поддршката од Сојузна Република Германија ќе ја имаме за забрзување на реформите и усогласување со ЕУ стандардите, за побрзо да се подготвиме и да станеме земја членка на Европската Унија.

Во рамки на посетата на Северна Македонија, пратеникот на германскиот Бундестаг, Михаел Рот кој е и претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг има средби и со претседателот Стево Пендаровски, спикерот на Собранието Талат Џафери, со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и со претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk