8 C
Skopje
Sunday, May 16, 2021

Маричиќ: Процесот на прочистување на судството веќе дава конкретни резултати

Најчитани вести

Процесот на враќање на довербата во судството или процес на прочистување на судството дава веќе конкретни резултати. Од 2019 година од кога се донесени законите и откако стапиле во сила веќе имаме 10 разрешени судии врз основа на оценката токму на Судскиот совет кој утврдил дека постапувале нестручно и несовесно, рече попладнево министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

– Со години Европската комисија ни забележуваше дека основите за избор и разрешување на судиите не се доволно прецизни, дека се користат за пресметка со политичките неистомисленици од минатата власт и сето тоа доведе до конкретизација на законите и подзаконските акти за веќе тоа да го нема, да имаме јасни критериуми по кои самиот Судски совет и Обвинителството ќе го ценат квалитетот и стандардите во својата фела, рече Маричиќ.

Информира дека во 2020 година има веќе отворено постапки за стотина судии.

– Тоа е голема работа и сметаме дека тоа етапно ќе ја враќа довербата во судството и етапно ќе ја подобрува и ефикасноста на системот, но и квалитетот на правдата, нагласи Маричиќ.

Токму овој процес, вели тој, веќе дава нов квалитет и динамика во судството.

– Должни сме да ја почитуваме уставната поделба на власта која е уставно загарантирана и која не обврзува сите. Она што е најважно и за граѓаните дека повеќе нема наши и ваши, ниту во судството, ниту во обвинителството. Целта на процесот е токму тоа, рече Маричиќ.

Посочи дека јавноста треба конечно да слушне зошто одредени судски предмети, процеси или одредена група предмети со години биле занемарувани од некоја причина, дел застарени, дел пред застарување, а во дел од нив било погрешно одлучено.

– Правдата во таа смисла треба да биде и мора да биде навремена. Не смееме да дозволиме веќе трупање на предмети и проблеми кои кога тогаш излегуваат на површина. Ова е сложен процес, но она што ме охрабрува мене е тоа што добивме поддршка за овие процеси и од меѓународната заедница.  Важно е на овој процес да биде дадена шанса и да се даде поддршка, заклучи Маричиќ.

Додаде дека мониторингот од страна на ЕУ на случаи на висока корупција, кој е проект поддржан од ЕУ, спроведуван од ОБСЕ, оваа година ќе се спроведува и веќе е во подготвителна фаза на регрутација на набљудувачите под меѓународен надзор.

– Тоа треба да ја зајакне одговорноста и ефикасноста на постапувањето по предметите, но и довербата на јавноста, потенцира Маричиќ.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести