Иднината на Северна Македонија е европска и време е тоа да се потврди со почеток на преговори за време на француското претседателство, истакна австриската министерка за ЕУ Едштадлер по средбите со државниот врв во Скопје. Оцени дека годинава е пресудна за Европа и за земјите од западниот Балкан кои немаат друга иднина освен европската, и затоа, време е конечно да се направи чекор кон отворање на преговорите. По посета на Бугарија, таа рече дека е оптимист за надминување на отворените прашања со Софија.
„Ние како Европска унија ќе направиме сè што можеме, Северна Македонија пред сè, конечно да добие една доверлива перспектива, со факти и со чекори коишто се реални, кои со децении ги чекаме и говориме за нив. Но само да говориме не е доволно, треба дејства, треба дела. Но јас сум оптимист дека сега е вистинскиот момент да го поставиме курсот. И во врска тоа сакам да ви кажам дека на почеток на февруари бев во Бугарија и особено разговарав за односите со Бугарија и тука имам многу добро чувство дека проблемите коишто постојат ќе се оттргнат и дека билатерално посилно ќе се настапува и дека процесот на проширување на ЕУ ќе се отвори“, изјави Каролине Едштадлер Сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања на Австрија.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ очекува ЕУ да ги отвори вратите за проширување. Не сака да лицитира со датум, но вели многу внимателно и одговорно се водат преговорите со Бугарија во рамки на резолуцијата што ја усвои Собранието за македонските црвени линии.
„Нам ни е важно да имаме достоинствено и фер решение, коешто на никој начин нема да го загрози нашето право на самоопределување, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. За сите отворени прашања разговараме и сме подготвени да разговараме. И наша цел е да најдеме достоинствено решение коешто ќе има јасни обврски на двете страни, и на наша и на бугарска во однос на имплементацијата на тоа што ќе биде договорено и во однос на отклонувањето или остранувањето на пречките за почеток на преговорите со ЕУ“, изјави Бојан Маричиќ вицепремиер за европски прашања.
Мешовитата историска комисија неделава ќе има нова средба во Скопје. Претходно, бугарскиот премиер Петков рече е оптимист од постигнатиот напредок на комисијата. Тој во Софија имаше средба со коалиционите партнери, коишто за тамошните медиуми рекле дека бугарскиот став кон земјава не е променет.