17.8 C
Skopje
Saturday, June 19, 2021

Малограѓански воајери

Најчитани вести

Од Александар Литовски

Животот на малограѓанските воајери е игра според правилата на паланката: светот е таков каков што е и не треба да се менува и поправа. Може и треба само да се ѕирка низ клучалката во туѓите спални соби. И тоа што од интимата ќе се види, да се соопшти на што поголем број луѓе.

Од целиот специфичен збир на малограѓански карактеристики со кои се изразува тукашниот полуживот, човек може како најканцерогено да го издвои површното љубопитство. Воајеризмот!

Според грчката митологија, Аргос бил стооко митолошко суштество, син на Зевс и Ниоба. Кога Зевс се заљубил во Ија (или Иона, Јона), ќерка на речниот бог Инах, сопругата на Зевс, божицата Хера, неа ја претворила во бела крава, која врзана за едно маслиново дрво морала да престојува во Немеја. Задолжен за да се исполни оваа желба на Хера, задолжен Ија да не може да биде ослободена бил Аргос (или Арг Панопт – стоок). Зевс го пратил Хермес кој имал репутација на највешт арамија од сите арамии, да ја ослободи Ија. Од своја страна, Хермес знаел дека не може никако да ја ослободи Ија, а едно од стоте очи на Аргос да не го забележат, па затоа прво свирејќи на лира го заспал, па му ја отсекол главата и ја ослободил љубовницата на Зевс. Хера, по извесно време, ги собрала очите на Аргос и ги ставила на опашката од паунот, како непрестана опомена за Хермес, а името на Аргос останало како синоним за многу внимателен и ревносен чувар, шпион, човек со многу „будни“ очи, човек чии очи не оставаат ништо незабележано.

Во нашата земја со мноштво мали лицемерни гратчиња живеат многу аргоси, многу стооки воајери, многу малограѓани чие љубопитство за туѓите животи е грандиозно. Затоа и има многу озборувања и клевети од сите страни. Оваа психичка болест како некоја мрачна сила ги повлекува овие наши малограѓани кон земјата, во калта, ги прави завидливи и подмолни, ги претвора во животни на две нозе кои недоверливо се гледаат и си ги крадат мислите, жените или мажите и парите. А кога ќе помислат дека доволно се накрале, е тогаш раскалашено јадат, пијат и се ситат на туѓата несреќа.

Оваа болна каста на аргоси и воајери е составена од пропаднати ситни буржуи, кафеански алкохоличари и пејачи со фалшив глас, безделничари, отпуштени службеници, лумпенпролетери, отфрлени политичари, силеџии и рекетари, пензионирани даскали, нереализирани интелектуалци, панаѓурски кловнови, ислужени швалерки, „синокрвни аристократски“ лудаци кои се замислуваат себеси како потомци на античките македонски цареви или на бугарашките војводи, завидливи пискарала полни со болни амбиции, препишувачи на туѓи глупости по социјалните интернет-мрежи, факултетски празнозборци и предавачи со своите тажнопросечни академски кариери и досадни баби со вештачки поруменети образи и полни со златни прстени, брошеви и нараквици. Сите тие „столбови на општеството“ соѕидано врз киретажа на способните и чесните, како бродоломници по поплава, пливаат низ струјата на предрасудите и суеверието, заборавајќи ја суштината на сопствената човечка супстанца и суштина.

Овие тажни малограѓански сламени кукли убедени се дека „претставата“ навистина завршила трагично за некои други нивни сограѓани, дека некои други се губитниците, па затоа се радосни, среќни и – одвратни во својата задоволност од туѓата несреќа. Може да се заклучи дека нашите малограѓански аргоси со својата завидлива и злобна љубопитност го живеат својот мизерен живот со горчина, со секојдневна тегоба, заради што се губат, пијанат, дрогираат, мразат, тепаат, озборуваат… Тие се оние вечни незадоволници што се свртени против целиот свет, па дури и против самите себе.

Животот на овие наши малограѓанските воајери е претворен во еден вид конвенционална социјална игра што се игра по непишаните правила на паланката, а основното правило гласи: светот е таков каков што е и не треба да се менува и поправа. Може и треба само да се ѕирка низ клучалката во туѓите спални соби. И тоа што од интимата ќе се види, да се соопшти на што поголем број на луѓе. Човек може да се гади од тоа нивно ситно болно задоволство и да се труди да не го прифати тој воајеризам, да не ја прифати таа плитка животинска филозофија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести