21.8 C
Skopje
Wednesday, July 6, 2022

Малите владини партнери се против предлогот од Париз, ВМРО-ДПМНЕ повика на избори

Најчитани вести

Предложеното решение на Макрон, барем додека СДСМ и ДУИ молчат за неговата содржина, ја подели владината коалиција. Речиси сите помали владини партнери се изјаснија дека се против предлогот и дека тој не смее да добие виза од Владата и од Собранието.

Ако го прифати францускиот предлог, Владата на Димитар Ковачевски ќе падне не затоа што дел од помалите коалициски партнери ќе ѝ откажат доверба, туку затоа што предлогот не поминува кај граѓаните и кај општествената јавност, коментираат за „Слободен печат“ дел од помалите владини партнери, прашани колку францускиот предлог може да биде тригер за уривање на Владата. Против францускиот предлог веќе се изјаснија владините партнери ДС, ДОМ и ЛДП, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

И додека францускиот предлог веќе цела недела ја тресе политичката и општествената јавност, Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи повторуваат дека нема да се изјаснат по него, сè додека и формално не го добијат.

Јасно е дека францускиот предлог, барем додека СДСМ и ДУИ молчат за неговата содржина, ја подели владината коалиција, односно речиси сите помали владини партнери се изјаснија дека се против предлогот и дека тој не смее да добие виза од Владата и од Собранието.

Сите опции се отворени
Од ЛДП велат дека ако Владата го прифати предлогот, тогаш сите опции се отворени.

– Доколку се разединиме во стратешките прашања и погледи, учеството на ЛДП во Владата ќе биде невозможно – велат од партијата.

Претседателот на ЛДП Горан Милевски веќе се изјасни дека го отфрла францускиот план за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје и почнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Како аргументи зошто е против, Милевски на Фејсбук напиша дека билатералните спорови не смеат да станат европски услови, дека секое предлог-решение мора да добие согласност од македонскиот парламент, јазикот не може да биде компромис, бидејќи тоа е веќе решено прашање со Преспанскиот договор.

Милевски е дециден дека во ЕУ треба да влеземе како Македонци, со своја вековна историја, култура, традиција и вредности, со сопствен јазик и посебности, а влез како втора бугарска држава, ниту сакаме, ниту некој може да прифати, ниту кореспондира со реалноста и историјата.

Сериозни резерви за францускиот предлог за деблокада на преговорите за членство на Македонија во ЕУ изрази и Демократскиот сојуз (ДС). Според ДС, предлогот ги апсорбира националистичките и негаторските барања на Бугарија и билатералниот спор, а преку преговарачката рамка го претвора во спор помеѓу Македонија и Европската Унија.

„Јасно е дека барањата на Бугарија стануваат дел од преговарачката рамка на ЕУ и од нивното исполнување ќе зависи нашиот напредок кон Европа. Тоа значи дека нашите евроинтеграции стануваат заложник на антимакедонските интереси во Софија, овој пат со европски печат. Со новиот договор на перфиден начин се оспорува македонскиот идентитет, историјата и јазикот и истовремено не се нудат гаранции дека Бугарија ќе престане да излегува со нови барања, уцени и блокади. Конечниот став ДС ќе го изгради по добивањето на интегралниот текст на предлогот и негова подлабинска анализа“, соопшти ДС.

Од партијата велат дека чекаат да го слушнат ставот на Владата и на СДСМ од што ќе зависи и натамошната поддршка.

– СДСМ и Владата се обиделе да го поддржат, но ќе видиме кој ќе биде конечниот став на Владата. Ние не го поддржуваме. Сите опции се отворени. Факт е дека францускиот предлог нема поддршка од граѓаните – велат од ДС.

Против предлогот е и ДОМ, но партијата не е за предвремени избори. Францускиот предлог не е прифатливо решение, не нуди можност за почнување на преговорите со ЕУ, изјави претседателката на ДОМ Маја Морачанин за „Нова ТВ“.

– Останувам на ставот дека отворените прашања со Бугарија треба билатерално да ги решаваме и тие не треба да бидат причина за блокирање на македонските евроинтеграциски процеси. Секако, македонскиот јазик и идентитет не смее да бидат предмет на преговори. Факт е дека ние ги исполнивме сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, што се потврди и со одлуката на Советот за општи работи на ЕУ од март 2020 година – вели Морачанин.

ВМРО-ДПМНЕ бара народот да избере
ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побара коалициските партнери во Владата на СДСМ и ДУИ да го отфрлат предлогот и го повика Ковачевски, доколку смета дека предлогот е добар, да одат на избори.

– Дипломати во земјава и поранешни високи владини функционери потврдуваат дека Владата на Ковачевски дала „пас“ за предлогот од Париз. Предлогот за ставање на бугарските барања во рамките на преговорите со ЕУ е одобрен од Ковачевски и Османи, и тој мора да поминал низ каналите на комуникација помеѓу МНР и Француската Република. ВМРО-ДПМНЕ го отфрла предлогот од Париз и смета дека тој води само кон асимилација на Македонците и бугаризација на државата. Но, еве, доколку Ковачевски смета дека предлогот е добар, тогаш ајде на избори. Тој е со став дека предлогот од Париз е добар и дека според него треба да се реши проблемот со Бугарија, а ВМРО-ДПМНЕ со ставот дека предлогот е штетен за нацијата и државата и дека треба веднаш да биде отфрлен. Па народот нека избере – вели Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com