8.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ВЕРУВААТ НИ ВО СУДСТВОТО, НИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Дури 53 отсто немаат доверба и во политичарите

Најчитани вести

Речиси три петтини од граѓаните во земјава или 58 проценти ја преферираат демократијата како систем на владеење, но дури 72 отсто преферираат и демократско управување, но и владеење со „цврста рака“, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ), посветено на теми поврзани со демократијата, владеењето, Ковид-19, геополитиката и дезинформациите.

Резултатите од анкетата покажуваат дека иако граѓаните веруваат во демократијата, сепак се скептични дека се остварливи нејзините основни принципи, како што е владеењето на правото. Нешто над половина од анкетираните или 52 отсто сметаат дека има назадување на демократијата, а 64 проценти сметаат дека земјата се движи во погрешна насока.

Квалитетот на живот за 56 отсто од испитаниците е поважен од демократските стандарди, а како главни проблеми граѓаните ги посочуваат економијата и можностите за вработување (37 отсто) и здравствените услуги и ковид-19 (21 проценти).

Испитаниците изјавиле дека се „многу загрижени“ за состојбата со коронавирусот и иако имаат доверба во владините податоци поврзани со вирусот, сепак им даваат лоши оценки на државните институции за воведените рестрикции и за комуникацијата за време на пандемијата.

Недоверба во правосудниот систем имаат околу две третини од анкетираните, па така 67 отсто имаат недоверба во судството, 63 проценти во јавното обвинителство.

– Граѓаните немаат доверба во политичарите, а 53 отсто од испитаниците немаат доверба во „ниту еден политичар“ и очекуваат власта да работи на подобрување на економијата и здравството – вели директорот на НДИ, Роберт Скот Хејзлет, додавајќи дека „загриженоста за политичката неказнивост и блокираните европски интеграции придонесуваат кон лошите перцепции за иднината на државата и нејзините демократски капацитети”.

Дури 87 проценти од испитаниците веруваат дека медиумите шират и дезинформации, а 68 отсто имаат доверба во социјалните мрежи и мнозинството се информираат преку Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, како и од пријателите, семејството и колегите. Но, иако социјалните медиуми се доминантен извор за информирање, граѓаните преферираат за политика да дискутираат лице во лице, а не во интернет просторот.

Истражувањето по нарачка на НДИ го спровел ИПСОС во март и април 2021 на репрезентативен примерок од 2410 испитаници, со маргина на грешка од плус-минус 2 отсто, преку телефонски и интернет анкети. Истражувањето е финансирано од страна на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com