2.8 C
Skopje
Tuesday, December 7, 2021

Македонците во Грција бараат образование на македонски јазик

Најчитани вести

Организацијата „Крсте Мисирков“ во Грција го осудува неприфатливото однесување на Општината Едеса (Воден) која системски ги прекршува законските обврски и следи една несовесна практика на апартхејд кон групa на луѓе кои изразуваат културна и јазична разновидност што се однесува на домородните Македонци од оваа општина.

„Оваа состојба со дискриминација која се наметнува на еден дел од грчките граѓани кои посакуваат да ги задржат сите традиции, адети и нивниот јазик, треба веднаш да престане, како и прекршувањето на државните закони, преку произволни и расистички одлуки на општинските власти. Ова однесување може да донесе само проблеми во локалните средини и не одговара на една демократска земја која ги почитува законите и вредностите на Европската Унија“, се вели во соопштението на организацијата „Крсте Мисирков“ од Воден која бара Грција да ги исполни своите меѓународни обврски и да обезбеди јавно образование на малцинските јазици.

Во соопштението се потсетува на барањето упатено до Општината Едеса уште на 19 септември 2019 година за отстапување на една предавална во државно училиште од основното образование, за конкретен временски период. Целта е да се организираат часови по македонски јазик од страна на членовите на организацијата „Крсте Мисирков“ во рамките на програмата за унапредување и изучување на мајчиниот јазик на тие граѓани кои го зборуваат до некое ниво, но и на секое друго лице кое сака да го научи како странски јазик. Ова барање беше отфрлено без оправдување и без општинската власт да ги земе предвид законските обврски на државата.

Организацијата „Крсте Мисирков“ најавува правна битка во грчките и можеби во европските судови, барајќи примена на тие закони. Во меѓувреме, часовите по македонски јазик се изведуваат во приватен простор со многу ограничен број на часови и ученици.

Општинската власт на Едеса (Воден) исто така одлучи од општинските културни програми да ги избрише сите активности за унапредување на „локалните адети на тукашните Македонци кои го употребуваат локалниот македонски јазик или дијалект, принудувајќи некои од друштвата да употребат приватни простории за нивните манифестации. Главната цел на градоначалникот е целосно да ги запре овие манифестации на Македонците во градот Едеса (Воден), применувајќи методи кои потсетуваат на некои претходни режими во кои Македонците доживеаја културен геноцид“.

Случајот со друштвото „Дом на македонска култура“ заврши пред Европскиот суд за човекови права уште пред 30 години, но и покрај позитивната пресуда на овој суд, три пати, Грција сѐ уште не го регистрира ова македонско друштво.

И едно ново македонско друштво, „Братство на тукашни серејци – браќа Кирил и Методиј“, кое беше законски регистрирано од судот на Синтики во декември 2017 година, повисокиот суд, Основниот суд на Серес (пресуда број 185/2019) реши да ја укине регистрацијата. Образложението беше дека употребата на терминот „допии“ (тукашни/домородци) во насловот и во статутот на друштвото, е произволна бидејќи терминот „допии“ се однесува на сите грчки граѓани од градот Серес, а не само на членовите на едно друштво.

„Грција ги дискриминира Македонците, како и другите малцински заедници. Таа ја прикрива својата политика кон Македонците со притисокот принудно да се смени името, идентитетот и историјата на Македонците преку Договорот од Преспа. Наместо налудничаво да го слават Договорот од Преспа како решение за еден дипломатски спор, ОН, ЕУ и НАТО мораат да го осудат неговото спроведување како и да ја осудат Грција за бруталното кршење на човековите права. Тие мора конечно да побараат спроведување на конвенциите за заштита на човековите права кои Грција постојано ги крши. Прв чекор кон ова би било итно воведување на часови по македонски јазик во системот на јавно образование на Грција“, се вели во реакцијата за случувањата во Грција на Македонското меѓународно движење за човекови права.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com