Home » Македонско семејство во пеколот на Хаваи

Македонско семејство во пеколот на Хаваи

by Журнал.мк

Пожарите почнаа попладне, северно од историскиот град Лахаина. Дуваше силен ветер, а како што се стемнуваше, небото стануваше се поцрвено. Телекомуникациските линии беа запрени, можевме само визуелно да видиме до каде е пожарот. Предупредувањето за опасност си го претпоставувавме, сведочи за МТВ, професорот Мартин Михајлов кој со семејството и пријателите се најде токму во средиштето на катастрофата.

„Информациите ги добивавме од луѓе наоколу. Маркетите ги затворија, немаше храна, а се знаеше дека набргу ќе снема и вода бидејќи сите пумпи за водовод и канализација работеа на генератор. Патиштата беа затворени, никој не можеше никаде да оди, така во еден мал круг на една област, бевме повеќето луѓе. Тие што се евакуираа од Лахаина се поместија северно, седеа по автомобили, по плажи, чекаа некаква информација да дојде, но немавме како да добиеме информации“, сведочи професорот Михајлов.

Два дена по пожарот, со слаба мрежа на мобилните апарати професорот успева да стапи во контакт со Македонци кои живеат на соседниот остров Оахо. По мал шумски пат, успеваат да стигнат до аеродромот, од каде се евакуираат.

„Пријателите ни купија авионски билети и не повикаа на Оахо, бидејќи нема каде да се евакуираш на Хаваи. Не пречекаа, не вдомија како права македонска фамилија. Да не беа тие, немаше да поминеме воопшто добро и да го пребродиме она што следеше. Кирил и Невена и остатокот од фамилијата ви благодариме за сè што направивте за нас“, нагласи професорот Михајлов.

Хаваи го има најголемиот систем за јавна безбедност на надворешни сирени за предупредување првенствено наменети за опасност за цунами. Од Агенцијата за вонредни состојби во Мауи, го правдаат фактот што сирените не се огласиле за време на пожарот.

„Сирените, се користат првенствено за цунами кога многу од луѓето се наоѓаат на крајбрежјето и јавноста е обучена да бара повисоки места како засолниште. Со помош на безжични системи за предупредување овозможивме луѓето да не заминат директно во пламените јазици“, изјави Херман Андаја, администратор на Агенцијата за управување со итни случаи во Мауи.

Во меѓувреме расте бројот на жртви. Идентификацијата оди споро, досега се пребарани 40% од територијата. Волонтери на Црвениот крст неуморно ги преземаат донациите за погоденото население. Гувернерот нареди мораториум за продажба на имот. Американскиот претседател Бајден и првата дама ќе го посетат Мауи во понеделник, објави Белата куќа.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More