Македонскиот диџеј Ампов е единствениот Македонец што ќе настапи на годинашното издание на сè попопуларниот фестивал „Сани хил“ во Приштина, кој го организира таткото на светски познатата ѕвезда Дуа Липа. Британската пејачка со косовско потекло беше главна ѕвезда на минатогодишното издание, а годинава ги носи и своите колеги Келвин Харис и Мајли Сајрус.
Младиот и уникатен 16-годишен диџеј Ампов е еден од најдобрите и најнадежните артисти на овие простори, кој со само 14 години настапи на „Скопје колинг“, и тоа на иста сцена со Мартин Гарикс (2017) и Аксвел и Ингросо (2018), како и со Хардвел на „Охрид колинг“ (2017). Исто така, има настапувано и со Равитез, Џастин Мајло и Џулијан Џордан на фестивалот „Калабалак“, како и низ вашите омилени кафулиња и дискотеки низ Македонија.
„Со задоволство ви најавувам дека ќе настапам на главната сцена на фестивалот ’Сани хил’ во Приштина, покрај Келвин Харис, Мајли Сајрус, Гаши и многу други“, напиша младиот диџеј, соопштувајќи ја веста на социјалните мрежи.
Фестивалот „Сани хил“ ќе се одржува од 2 до 4 август во паркот „Гермија“ во Приштина./radiomk.com