Некои информации што до нашата редакција стасуваат од загрижени граѓани може слободно да се стават во категоријата „Верувале или не“. Таква е и информацијата дека македонскиот бисер Охридското Езеро не било порибено со јагула цели пет години. Станува збор за збогатување на живиот свет во езерото кое традиционално треба да се спроведува за да го сочуваме она што ни го дарила природата, но очигледно на нашите власти им е тешко да купат јагула на тендер и еднаш годишно да го обноват фондот на живиот свет како и самиот еко-систем на езерото.
Дали се во прашање тендерски игри, негрижа или енергетската криза, па и трката по фотоволтаици, им го украде сето потребно време на одговорните за порибувањето на езерото, останува нејасно се додека компанијата задолжена за тоа – ЕСМ не одговори на нашите прашања, откако граѓани алармираа за оваа необјаснива состојба.
Во исчекување на официјални информации од ЕСМ дали навистина во македонскиот бисер не била пуштена јагула цели пет години, според достапните јавни и објавени информации последен пат дека било извршено порибување е објавено на 29 септември 2019 година, со подмладок на јагула од типот европска јагула-Angulija. Во 2019 година во Охридското езеро биле пуштени вкупно 29. 421 парче подмладок на јагула со вкупна тежина од 865 килограми.
Јагулата била набавена според законските прописи, преку распишан тендер, во вредност од 7 милиони денари, при што се запазени сите процедури за да се обезбеди здрав и безбеден материјал за порибување на езерото. Така било пред неколку години, а и во времето на поранешната власт кога директор на тогашната ЕЛЕМ беше Влатко Чинговски, со таа разлика што тогаш за порибување била пуштена грчка јагула.
Како е сега и кои се причините за негрижата и кој ќе ја сноси одговорноста, ако се потврди дека, Охридското езеро не било порибувано со години, ќе дознаеме откако ЕСМ ќе ни одговори на следниве прашања на Журнал.мк:
- Иако законската обврска бара секоја година да се порибува Охридското езеро со овој тип на риба, според нашите сознанија таа обврска не е исполнета цели 5 години. Кои се причините за тоа?
- Имаме сознанија дека неколку тендери за порибување на Охридското езеро пропаднале, кои се причините за тоа?
- Дали при одлучувањето на последниот тендер се испочитувани европските регуллативи, има сомнежи дека избраната компанија не е лиценцирана за порибување со јагула. Нашето прашање е дали има сертификат дека јагулата со која ќе се порибува потекнува од отворени води или е од фарма? Ова прашање е битно за одржување на био-диверзитетот на Охридското езеро кое е под заштита на УНЕСКО.