Од: Срѓан Ивановиќ
Знаев јас и претходно дека многу нешта во државава зависат од ДУИ, ама последниве два дена дознав дека од партијата на Али Ахмети зависи биквално сè. Од НАТО и од ЕУ, до патот и до водата.
Нема кај не се растрчани „интегративците“, додека го држат курсот на бродот Македонија во правецот на Брисел и Вашингтон.
Да, така поентираа „креаторите на јавното мислење“, кои во видеото што ни пристигна од ДУИ, направено во пресрет на прославата на јубилејот „20 години на власт“, дадоа своја оценка за значењето на партијата во креирањето на политики во земјава.
Група интелектуалци, новинари и политички аналитичари, обедините во групата опинион мејкери, посочија дека ДУИ е гарант на територијалниот интегритет на државата, како и целокупниот напредок на државата на секое поле.
Во друго видео, се појавија и претставниците на дел од помалите етнички групи. Тука дознавме дека без ДУИ на пример, во Македонија денеска ќе немало Власи.
Односно дека на Власите им било опструирано правото слободно да се изразуваат и тоа било средено од „волшебниците“ на Али Ахмети.
Па еден друг етнички лидер вели дека ДУИ е најзаслужен за зачленувањето на Македонија во НАТО, а трет вели дека посочената партија знае да владее, бидејќи ги вработила сите свои членови?!
И не го видовме само тоа.
За ДУИ говорат и граѓаните, а од третото испратено видео дознавме дека меѓу нив има и политички неутрални. Ама и тие го гледаат напредокот насекаде каде е ДУИ.
Во образованието, проектирањето на патиштата, изградбата на водоводна мрежа и во општиот прогрес на средината во која живеат. ДУИ може сè.
Вечерва на плоштадот „Скендер Бег“ во Скопје, ДУИ ќе организира голема прослава со концерт, а утре ќе има славје и во Тетово.
За жал, во Тетово фештата нема да се организира на главниот плоштад, веројатно поради љубомората на градоначалникот Касами, еден од ретките во Македонија којшто не ја гледа „стратешки важната улога на ДУИ во управувањето на бродот“.
Мојата маленкост може само да се придружи кон честитките, со една куса стихотворба, посветена на ДУИ и на нашиот драг лидер Али Ахмети:
Македонијо моја мила
на тебе ДУИ ти дава сила
Али Ахмети лидеру мил
херој ти наш си бил
партијата е умна и паметна
НАТО на другите го наметна
кормилото на сигурен курс го држи
опозицијата кутра со факти ја пржи
ДУИ знае и Кастриот да го премисли
и патот до ЕУ знае да го измисли
до Брисел и до Вашингтон наш
патот е трнлив без ДУИ баш
Ахмети значи интегритет државен
ДУИ подразбира прогрес целосен