Home » Македонија има повеќе судии од европскиот просек, А СУДИИ НЕМА ЗА СУДЕЊАТА?!

Македонија има повеќе судии од европскиот просек, А СУДИИ НЕМА ЗА СУДЕЊАТА?!

by Журнал.мк

Во Македонија има околу 410 судии, а за ефикасно решавање на судските предмети и се потребни околу 630 судии. Ваквите бројки воопшто не соодветствуваат со европските стандарди кои земјава мора да ги исполни на патот кон Европската Унија (ЕУ). Според европските правила на 100.000 жители треба да има по 21,5 судии. Во моментов, во Македонија на истата бројка жители има по 22 судии што е приближно еднакво на европскиот просек, но далеку од потребите на македонското судство.

Портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ вели дека ваквата систематизација на бројот на судии е направена пред спроведувањето на Пописот 2021 година.

„Според систематизацијата нам ни се потребни околу 630 судии и затоа велиме дека ни недостасуваат судии. Бројката од 630 е добиена по извршени анализи низ сите судови во државата, пред сѐ имајќи предвид колку предмети годишно имаат судовите во работа”, вели Арсиќ.

Според податоците од Судскиот совет 115.644 нерешени предмети во првата половина од 2022 година е причината зошто Македонија не може да го достигне европскиот стандард од 21,5 судии на 100.000 жители. Токму затоа советот проценил дека 630 судии ќе бидат потребни за да се решат сите заостанати предмети.

„Ние секоја година имаме од 90 до 100 илјади предмети кои се пренесуваат за работа за следната календарска година и тешко е веројатно дека тој прилив некогаш ќе го совладаме со постоечката бројка судии.

Затоа е проценето дека бројката од 630 судии би била посоодветна за да се елеминираат сите заостанати предмети и да го доведеме судството во состојба кога ќе нема толкав број на нерешени случаи. Она што во моментов се случува во Судскиот совет, а имајќи ја предвид и систематизацијата со 630 судии, но и бројката од европските критериуми која вели дека и 400 судии се доволни, направени се функционални анализи за сите основни, Врховниот, апелациските и управните судови”, вели Арсиќ.

Ситуацијата дополнително се комплицира затоа што дури по две години застој во мај годинава почна наставата за новата класа 97 кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. Во моментов на избор од Судскиот совет чекаат 30 веќе завршени кандидати.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More