-3.7 C
Skopje
Saturday, January 16, 2021

Македонија има најевтин автоплин во регионот

Најчитани вести

Моменталната цена на автоплинот во нашата земја е 30 денари за литар, што е за два пати поевтино од бензинот, чија моментална цена изнесува 67,5 денари за литар и дизелот со цена од 62,5 денари за литар.

Во нашата земја има 84 станици на кои може да се купи автоплин со просечна цена од 30 денари или 0,47 еврa, што е најевтин во регионот.

На второ место со просечна цена од 0,50 евра се Албанија и Црна Гора. Додека во Албанија се регистрирани 121 бензинска станица на која може да се дополни ЛПГ, во Црна Гора автоплин имаат само 24 бензиски станици.

Во Бугарија просечна цена за литар автоплин е 0,51 евро и се нуди на над 3.000 бензински станици, додека во Турција просечната цена е 0,57 евра и над 6.853 станици.

Потоа следува Словенија со просечна цена од 0,58 евра за литар и мрежа од 111 станици и Хрватска со просечна цена 0,58 евра за литар и околу 410 бензински станици. Во Босна и Херцеговина просечната цена на автоплинот е 0,59 евра за литар и се нуди на 109 бензиски станици.

Поскап автоплин плаќаат во Србија, каде што просечната цена е 0,65 евра и е достапен на 654 бензиски станици.

Најскап автоплин во регионот има во Грција, каде што просечна цена изнесува 0,78 евра со мрежа од околу 841 бензинска станица.

Сите земји од регионот користат ист приклучок, односно имаат италијански диш-адаптер, што го има на нашите бензински станици.

Просечна цена на литар ЛПГ во Франција – 0,87 евра, во Полска – 0,45 евра

Не сите земји користат ист приклучок, па така освен т.н. италијански диш-адаптер што освен во Италија се користи и во нашата земја и повеќето земји од регионот, постојат и други адаптери како што се белгискиот акме, холандскиот бајонет или европскиот што го користат Шпанија и делови од Франција.

Најскап автоплин во континентална Европа има во Франција, каде што просечната цена е 0,87 евра. На територијата на Франција има 1.763 бензински станици со диш и евроадаптер.

Во Холандија просечната цена на автоплин изнесува 0,81 евро и се нуди на 1.945 бензински станици со бајонет-адаптер. Потоа следува Австрија со просечна цена од 0,77 евра, но само на 50 бензински станици поделени меѓу акме и диш-адаптер.

Во Шпанија просечната цена на автоплин е 0,72 евра и може да се купи на 512 станици, со бајонет и евроадаптер. Следна е Унгарија со 0,71 евро и мрежа од 441 бензинска станица со диш-адаптер.

Во Романија просечната цена е 0,65 евра и може да се дополни на 1.158 станици со диш-адаптер, како и во Италија каде што просечната цена е 0,61 евро за литар и се нуди на 3.367 бензински станици.

Во Германија просечната цена е 0,60 евра и е достапен на 7.242 бензински станици со акме и евроадаптер.

Најевтин автоплин има Полска, каде што просечната цена е 0,45 евра и може да се дополни на 6.800 бензиски станици со диш-адаптер. Потоа следува Чешка со просечна цена 0,51 евро и мрежа од 1.187 бензиски станици со диш-адаптер. Во Белгија просечната цена на литар ЛПГ е 0,53 евра и може да се дополни на 615 бензински станици единствено со акме-адаптер, додека во Словачка цената за литар изнесува 0,55 евра и може да се најде на 546 станици со диш-адаптер.

Разликата во адаптерите не претставува поголем проблем доколку се патува со автомобил на ЛПГ во Европа бидејќи поголемите бензински имаат на располагање и може да побарате конвертор од еден на друг адаптер. Сепак, најдобро е да се направи план пред некое подолго патување. На автопат постои голема разлика во цените од една до друга бензинска станица и не секоја бензинска станица нуди ЛПГ, па често доколку се пропушти една, следната бензинска со ЛПГ може да биде и до 150 километри растојание.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести