Македонија дел од Глобалната заложба за слобода на медиумите

0

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска во Лондон на вториот ден од Меѓународната конференција за слобода на медиумите, во име на Македонија ја потпиша Глобалната заложба за слобода на медиумите.

Заложба со која земјите потписнички се обврзуваат да работат заедно во заштитата на слободата на медиумите.

Учесниците на Конференцијата се обврзаа да зборуваат и да дејствуваат заедно, формирајќи Коалиција за слобода на медиумите за поддршка и истакнување на фундаменталната важност на слободата на медиумите за безбедноста, просперитетот и благосостојбата на сите општества, во здружување на напорите за споделување информации и преземање дејства кога новинарите и медиумските организации ќе бидат изложени на ризик, како и во разоткривање на кршењето и злоупотребите на слободата на медиумите и нивното споделување со глобалната јавност и промовирањето одговорност на овој план, соопшти МНР.

Со оваа Глобална заложба, земјите меѓу другото се обврзуваат и заедно да интервенираат на највисоко ниво со владите на земјите каде што слободата на медиумите е во опасност, и да покажат солидарност со земјите кои работат на градење медиумски слободи.

Дводневната Меѓународна конференција за слобода на медиумите во Лондон годинава прв пат е во ко-организација на Обединетото Кралство и Канада. Следната година конференцијата ќе се одржи во Канада.