5.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022

Македонија да ја искористи предноста од скринингот и да се фокусира на реформите

Најчитани вести

Во Брисел денеска продолжува објаснувачкиот состанок за Поглавје 24, Правда, слобода и безбедност, на којшто Европската комисија ќе го презентира новиот корпус на ЕУ acquis донесено во периодот по 2018-2019 година. Следната недела продолжуваат состаноците за поглавје 23 „Правосудство и темелни права“. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи упати порака дека сега е најважно сите во Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори.

Вархеи, на средбата вчера во Брисел со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ разговарале за процесот на скрининг на земјава со ЕУ, како и следните активности во процесот на преговорите за членство и актуелната политичка ситуација во Македонија.

– Во вистински и клучен момент ја потврдивме европската перспектива на Северна Македонија. Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата – рече Маричиќ на состанокот.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со Унијата, го брифираше еврокомесарот за проширување Вархеи за скрининг состаноците и за подготовките за билатералниот скрининг, како и за посветеноста и мотивацијата која ја имаат институциите на земјава за процесот.

Еврокомесарот Вархеи на Маричиќ му посака успешен скрининг и испрати порака да останеме силно посветени на европската реформска агенда, како и на градењето на добрососедски односи со Бугарија и напредокот во исполнувањето на обврските од страна на двете држави.

Вархеји потенцираше дека сега е најважно сите во Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори со Европската Унија, додавајќи дека тоа е процес кој е важен за иднината на државата и процес кој носи подобар живот за граѓаните.

На состанокот беше разговарано за последните подготовки за потпишување на Договорот со Фронтекс, кој ќе биде потпишан кон средината на октомври, но и за економски теми, во пресрет на зимата која доаѓа и предизвиците со кои ќе се соочиме, предизвикани од енергетската и економската криза.

Во таа насока Маричиќ и Вархеи разговараа и за Инвестицискиот план на ЕУ за Западниот Балкан и за забрзување во реализацијата на регионалните проекти, особено оние од инфраструктурата и енергетиката.

Вчера во Скопје, пак, се одржа годишната меѓународна конференција „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“, на која беа упатени пораки дека земјава сега треба да го искористи скрининг процесот и да се посвети на внатрешните реформи.

И покрај тоа што францускиот предлог не е избалансиран Македонија треба да го искористи скрининг процесот и да се фокусира на реформите кои се важни за граѓаните и ќе ја придвижат земјата напред, изјави Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД.

– Заканата од Бугарија е реална, а она што ви останува е да ја искористите предноста од скрининг процесот. Не се потребни уставни измени во моментов и треба да се фокусирате на реформите, кои се во интерес на земјава. Искористете ја и предноста од претседавањето со ОБСЕ. Тоа е огромна можност во историско време кога се случува војна меѓу Русија и Украина, која има импликации на целиот свет. Вашата земја ќе ја води организацијата, која е формирана за безбедноста на истокот и западот и тоа е огромна можност и привилегија за вашата земја да го демонстрира тоа лидерство во ваков клучен момент во историјата – потенцира американскиот професор.

За уставните измени, тој укажува на изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека во моментов нема услови за тоа, но повтори, важно е што гласањето не треба да се случува денеска и дека земјата треба да се фокусира на реформите.

И францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер вели дека земјава треба да се фокусира на реформите, особено во судството.

Тој на потпишувањето на Меморандумот за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители со директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска, рече дека ова значи дека Франција искажува волја да ја поддржува Академијата и таа соработка оди во прилог на афирмација на правната држава, но исто така за постигнување независно судство, со што на тој начин Франција суштински придонесува во спроведувањето на целта што ја има Академијата.

– Се наоѓаме во нов контекст бидејќи земјава ја почна фазата на отворање на преговорите за членство во ЕУ и бидејќи постои таа нова рамка, ќе кажам дека соработката меѓу вашата институција и нас е уште посуштинска, бидејќи темите со кои се занимава вашата институција ќе се најдат во сржта на преговорите со Унијата, рече францускиот амбасадор.

Земјава официјално го почна скрининг процесот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на ЕУ на 15-ти овој месец. Се очекува овој процес да заврши во ноември 2023 година. Вицепремиерот Маричиќ рече дека досега сме усогласени со 40 отсто од законодавството и во некои области сме на исто или на подобро ниво од државите кои веќе преговараат со години, како Србија и Црна Гора.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com