По двата вечерашни дуели ќе бидат познати четири од вкупно осум патници во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Од 21.00 часот Тотенхем е домаќин на Милан (0:1), додека Баерн Минхен ќе го пречека ПСЖ (1:0).
Се очекува повеќе да се обрне внимание на она што ќе се случува на стадионот „Алијанц“ во Минхен, каде Баерн ќе брани предност од 1:0 од првиот меч против ПСЖ, но ситуацијата сега е поинаква од првиот меч, бидејќи најдобриот играч на овој клуб, Килијан Мбапе, од првата минута ќе игра и ќе го води францускиот првак.
Како што е веќе познато, ПСЖ до крајот на сезоната не може да смета на еден од своите најдобри, најискусни играчи, Нејмар, поради повреда. Фановите на овој клуб веруваат дека тандемот Мбапе-Меси може да го разбие Баерн, да ја анулира негативата од 1:0 од првиот меч и се пласира во следната фаза.
Од друга страна, Баерн овој натпревар ќе го започне без услугите на голманот Мануел Нојер, за кого исто така сезоната е завршена, како и бековите Хернандез и Павар.
Можни стартни состави –
Баерн: Зомер, Станишиќ, Упамекано, Де Лихт, Коман, Кимих, Горецка, Дејвис, Сане, Мусијала, Чупо-Мотинг.
ПСЖ: Донарума, Переира, Маркињос, Рамос, Хакими, Руиз, Верати, Витиња, Мендес, Меси, Мбапе.