Лидерите од Западен Балкан на неформална средба во Атина по повод одбележување на 20 години од „Декларацијата во Солун“. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и косовскиот премиер Албин Курти се најавени дека ќе присуствуваат на ова средба. Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник во Атина.
Ќе учествуваат и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ-премиерот на Бугарија Николај Денков, на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Романија Јон-Марсел Чиолаку.
Дополнително се очекува на средбата да присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
„Иницијативата Мицотакис да ги покани лидерите од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ во палатата Максимос на вечера-неформална дискусија за проширувањето и европската иднина на регионот, ја нагласува улогата на Грција како столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и во југоисточна Европа“, пренесува грчката државна новинска агенција.
Предвидено е македонскиот премиер да се сретне со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен.