17.8 C
Skopje
Saturday, July 31, 2021

Лесно може да се падне во замката на воодушевувањето од театарот

Најчитани вести

Кире Галевски неодамна ја претстави изложбата „Театарот и градот“, која опфаќа фотографии од театарските проекти на сцените на три театри: МНТ, Драмскиот театар и Театарот за деца и младинци, работени во последните две години. Изложбата има цел да го претстави театарскиот живот во Скопје, на и надвор од сцената, обидувајќи се да ги долови играта, процесот на работа, емоциите на актерите и ситните детали во подготовката на претставите, особено зад сцената каде што првпат се претставени моменти што публиката не ги гледа, а се високоемотивни. Според Галевски, преку „Театарот и градот“ може да се види патот до една претстава, почнувајќи зад сцената, преку пробите, па до премиерната изведба.

На изложбата беа претставени 154 црно-бели фотографии, кој беше мотивот да креирате изложба без боја?
– Изложбата е црно-бела од две причини: прва и најважна причина, за да се избегне шаренилото на декорот и да се стави фокус на играта на сенките и емотивните изрази на самите актери, а втората причина е за да се унифицираат фотографиите, да се добие една целина и еден визуелен идентитет на изложбата. Тоа е така од причина што секоја претстава има свој визуелен израз и колор-палета и на овој начин можеме да добиеме една целина.

Фотографирате моменти и на сцена и зад сцена. Што повеќе ви го дразни окото?
– Сите моменти и на сцената и зад сцената имаат своја тежина. Зад сцената, затоа што тоа се интимни моменти на подготовка што не се видливи за гледачот во публиката и со самото тоа имаат една посебна привлечност, а на сцената затоа што во целост се доловува развојот на ликот од проба до проба и ги бараш оние моменти преку кои можеш, преку емоцијата на актерот, да го илустрираш самиот драмски текст.

Како стана театарот ваша муза?
– Сосема случајно во1990-тите години (за тие што не помнат, тоа е времето кога Нино Леви и Александар Микиќ беа подмладок во театарот), преку некои заеднички пријатели ме повикаа, како фоторепортер во неделникот „Пулс“, да фотографирам неколку проекти и така започна сѐ. Почнав во 1991 година и продолжив да се занимавам со театарска фотографија до денес. Во текот на годините се занимавав со многу различни типови фотографија, но сепак театарската фотографија остана константа во мојата работа.

Какви емоции се стремите да уловите од актерите во претставите?
– При работа со театарска фотографија е многу важно познавањето на процесот на градење на ликот и актерската игра, затоа што така знаеш до кој степен актерот го изградил ликот и што да очекуваш од него во одреден момент. Второ, особено е важен сензибилитетот на режисерот што го работи проектот и трето, важно е познавањето на драмскиот текст. Сите сцени што ги имам доловено со фотографиите ми се еднакво драги, но сепак ги издвојувам оние што предизвикале позитивни реакции и емоции кај самите актери, режисери и публиката.

Тешко ли е да се пренесе драмата на театарот на фотографија?
– Лесно може да се потпадне во замката на воодушевувањето од театарот и да се направат само верни репродукции на едно уметничко дело – театарската претстава. Она што сакам да го постигнам е фотографиите да функционираат како независно уметничко дело и преку нив гледачот да ги улови моментите од самиот драмски текст.
Омилен сегмент од вашата работа…
– Омилен сегмент е оној кога работам со режисери и екипа со кои се познаваме, имаме долгогодишна соработка и сличен сензибилитет и не се потребни многу зборови за да дојдеме до саканата цел. Најдобрите моменти се, сепак, по пробите на дружењата со екипата.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести