Леонардо повторно ќе ги влече сите конци во ПСЖ кога е во прашање трансфер пазарот, бидејќи пред извесно време го комплетираше своето враќање на „Паркот на принцовите“ по едногодишната етапа која ја имаше во Милан како спортски директор.
Бразилецот во својата втора авантура во ПСЖ ќе се соочи со огромен предизвик уште во првите месеци, пред се благодарение на желбата која ја изрази неговиот сонародник Нејмар за заминување од француската престолнина. ПСЖ вчера му објави војна на Нејмар и испрати бурно соопштение поради тоа што ѕвездата не се појави на првиот ден од подготовките, а по изјавата која ја даде таткото на напаѓачот, се јави и Леонардо.
– Не можам да ви ги кажам сите детали од мојот разговор со Нејмар. Разговаравме и со неговиот претставник. Позицијата на сите страни е многу јасна, но до овој момент, јасно е само едно нешто. Има договор со нас уште три години и засега не сме добиле ниту една официјална понуда. Може да си замине од ПСЖ ако пристигне понуда која ќе не задоволи сите. Не добивме понуда од Барселона, но имавме контакти, тоа е вистина. Имавме површни контакти, ни кажаа дека сакаат да го купат, но ние не сме клуб што лесно продава. Нивниот претседател ни го кажа тоа, но засега не гледаме дека Барса е во позиција за вистински да го купи, – открива Леонардо.