Скандалот за генсекот Драги Рашковски, кој периодов одекна во Републиката и ја разоткри корумпираноста на социјалдемократите, воедно е ништо повеќе ни помалку од јасен доказ за тоа што на народот му е одамна јасно – СДСМ е новото ДПМНЕ, на стереоиди, велат од Левица во врска со наводниот сомнителен тендер за набавка на систем за летање преку М-НАВ.
„СДСМ е ништо повеќе од уште една тендер-партија, чии денови на владеење се избројани по флагрантното негирање на волјата на народот јасно искажана на референдумот за промена на името на Републиката и на бројните референдуми против отворањето на рудниците на смртта“, се наведува во партиското соопштение.
Зборувајќи за случајот со кој се поврзува Рашковски, од Левица велат дека како и останатите социјалдемократски функционери, кои немаат ништо заедничко ниту со социјализмот, ниту со демократијата, така и човекот одликуван со еден и пол докторат ја злоупотребува својата моќ, заканувајќи се со тужби.
„Влевањето страв во народните маси, поткопување на народниот отпор и заробувањето на државата се чекори кои не се туѓи на ниту една ненародна власт, а претходниве година дена станаа чести како ‘добро утро’ за коалицијата СДСМ-ДУИ“, сметаат од партијата.
По најавите за тужби, од Левица му порачуваат на Рашковски дека тој нема да биде ниту прв, ниту последен кој би покренал судски спор против нив.
„Нека види народот дека кога вистината и обединетоста е на негова страна, силата на елитистичкото бизнисменско малцинство не му може ништо! Биди немилосрден, бидејќи кога ќе дојде нашиот ред, нема да се извинуваме за народната немилосрдност кон тебе“, велат од партијата во обраќањето до владиниот генерален секретар.