Специјалниот претставник за дијалогот Приштина – Белград, Мирослав Лајчак во ексклузивно интервју за ТВ21 истакна дека со сигурност може да каже дека од самитот на 23 јуни исход ќе биде силната посветеност кон проширувањето и завршувањето на интеграцијата на Западен Балкан.
„Прво, кога зборуваме за неисполнетото ветување, да бидеме искрени и да кажеме дека две страни не го исполнија ветеното. Да, има проблеми во ЕУ. Таа мораше да се справува со многу други предизвици, кои го ставија проширувањето во заден план. Мислам на финансиската криза и миграциската криза по БРЕГЗИТ и КОВИД, но сега со сигурност можам да кажам дека еден исход од самитот на 23 јуни ќе биде силна посветеност кон проширувањето и завршувањето на интеграцијата на Западен Балкан. Тоа е главен приоритет“, вели Лајчак.
Тој додава дека и регионот мора да прати сигнали дека е подготвен, односно не може да се седи и да се чека добра вест од ЕУ.
„Не велам дека Северна Македонија го прави тоа. Сосема спротивното е. Вие активно докажувате дека сакате да бидете дел од решението. Ја споменавте регионалната соработка. Таа е многу важен елемент. Ако сакате да докажете дека сте способни да функционирате во рамките на семејство од над 27 земји, логично е да имате многу добра соработка со регионот. Ако не соработувам добро со соседите, тешко ќе ја убедам ЕУ дека ќе соработувам добро со поголемо семејство. Знаете дека има различни подрегионални формати во ЕУ, Како Меѓународниот Вишеградски фонд, Бенелукс, Балтичките и Нордиските земји итн. Затоа ја поддржуваме регионалната соработка. Веќе има многубројни регионални формати. Имаме Совет за регионална соработка, го имаме ЦЕФТА“, посочи Лајчак.
Тој вели дека сите 6 земји го поддржа создавањето на регионален пазар што го гледаме како столбот на интеграцијата на регионот.
„Инцијативата Отворен Балкан потекнува од регионот. А сѐ што доаѓа од регионот за нас е добра вест. Важно ни е дека е надополнување. Не е копија на тоа што веќе го имаме. Второ, сеопфатно е. Сите се поканети да учествуваат без дискриминација“, порача Лајчак за ТВ21.