Ромелу Лукаку во два периоди го носеше дресот на Интер со тоа што се очекуваше вториот мандат да потрае затоа што „нероаѕурите“ беа спреми да го откупат неговиот договор со Челси и да му овозможат повеќегодишен престој во Милан.
Меѓутоа се случи пресврт, Белгиецот преговарал и со Јувентус што донесе очекувана реакција кај европскиот вицепрвак кој реши да се повлече од можноста за негов ангажман и да стави крај на приказната.
Сега останува да се види како голгетерот ќе заврши со тоа што тој со своето однесување ги разочарал колегите со кои до вчера ја делеше соблекувалната и теренот.
– Јас сум разочаран. Му се јавив неколку пати, но тој не ми одговори. Останатите играчи исто го бараа, така се однесуваше. После сите овие години поминати заедно, навистина сум разочаран, – истакна Лаутаро Мартинез кој се надева дека со капитенската лента на своите раце ќе успее со Интер да стане европски шампион.
– Сега мојата најголема желба е да го подигнам шампионскиот трофеј како капитен. Ние сме тим кој е навикнат да победува. И ние сме гладни. Дури и на тренинзите сакам да победувам. Минатата сезона никој не веруваше дека можеме да стигнеме до финалето на Лигата на шампионите. Затоа мора да веруваме дека е достижно и во следната сезона. Ја заслуживме почитта на сите, – вели Аргентинецот кој обелодени оти имал понуда од Саудиска Арабија.
– Точно е дека добив понуда, но среќен сум во Интер, во градот Милано, немам причина за промена. Моето семејство го мисли истото. Добро, економскиот мотив не е занемарлив, ти влегува во глава, сепак секој си избира. Мојата најголема желба беше да останам и да се натпреварувам на највисоко ниво и верувам дека тоа ќе ми помогне што се однесува до репрезентацијата, – заклучи Мартинез.