1 C
Skopje
Thursday, January 21, 2021

Лауреатот на „Браќа Манаки“, Едвард Лакман, одржа мастер-клас во Битола

Најчитани вести

Покрај проекциите, кои почнуваат од 10 часот наутро и траат сè до полноќ, на фестивалот „Браќа Манаки“ се одржуваат и голем број други дополнителни настани.

Фестивалската публика денеска имаше уникатна можност да проследи мастер-клас со водечкиот светски кинематографер Едвард Лакман, лауреатот на годинешното јубилејно издание на „Браќа Манаки“, модериран од неговиот колега и стар пријател на фестивалот, Најџел Волтерс, од кинематограферската асоцијација ИМАГО.

Предавањето на Лакман не го пропушти ниту Фатих Акин, кој дојде да чуе повеќе детали од мајсторот на камерата.

Денешниот мастер-клас беше вистински разговор меѓу големите затоа што присуствуваа и режисерот Џим Шеридан и британскиот кинематографер Џон Метисон, двапати номиниран за „Оскар“, за филмовите „Гладијатор“ и „Фантомот од операта“.

Лакман, пак, изрази посебна почит кон кинематограферските величини во публиката – фестивалски гости, како Пол Рене Ростад и Рајнер Клаусман.

Публиката што ја исполни малата сала на Центарот за култура до последното место на почетокот од мастер-класот имаше шанса да види репрезентативен видеоклип со сцени од десетина филмови потпишани од Лакман како кинематографер.

Тој работел со водечките филмски автори на преминот на двата века, како Тод Хајнс, Вим Вендерс, Фолкер Шлендорф, Урлих Зајдл…

Лакман е роден во Њу Џерси, САД, и како млад посетувал уметничко училиште, а потоа посериозно се заинтересирал за филм.

„Почнав да снимам документарци, а дури и ми плаќаа за тоа“, Лакман низ шега се присети за своите почетоци во филмот.

Еден од неговите први документарци бил за дом за лекување зависници од дрога во САД, а следните 3-4 години години работел како оператор-снимател на втората камера на филмските сетови. Снимањето и режирање документарни филмови му останале посебна љубов и страст.

„Пристапот на камерата во документарците е поинаков од играните, но има случаи, како во филмовите „Експорт-импорт“ и „Рај: љубов“ на Урлих Зајдл, чиј кинематографер бев јас, каде што тешко можете да повлечете линија меѓу фикцијата и документарното“, посочи Лакман.

На прашањето на модераторот Волтерс за неговите почетни искуства со европскиот филм, Лакман посочи дека најпрвин бил заинтригиран од филмовите на италијанскиот неореализам.

Интересни беа и неговите размислувања за црно-белиот и филмот во боја.

„Црно-белата филмска лента функционира со поинакво зрно и експозиција на фотографијата. Денес можете да снимите филм во боја, а потоа во студиските лаборатории со дигиталната техноилогија да го направите црно-бел, но нема да го добиете истиот ефект“, вели Лакман.

Тој вчера имаше и средба со студентите, на која зборуваа за стручните аспекти на кинематограферската работа.

Синоќа, во популарната битолска „Магаза“ се одржа презентација на кратки филмови од филмскиот фестивал „Мекал“ од Барселона, а претходно публиката таму можеше да ја види и селекцијата на кратки филмови од фестивалот во Познањ, Полска. Со овие два фестивала „Браќа Манаки“ од оваа година почна соработка и веќе имаше своја презентација во Полска.

Александар Трајковски ја промовира својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“, која е прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

Вечерва, публиката во Битола премиерно ќе го види филмот „Медена земја“, кој се прикажува во рамките на фестивалската програма.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести