Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека неговиот американски колега се согласил дека треба да се разговара за загриженоста на Русија за нејзината безбедност, во услови на тензии со Украина.
„Антони Блинкен се согласи дека има причини за продолжување на дијалогот за руската безбедност. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Лавров на руската телевизија по телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Рускиот министер за надворешни работи не кажа ништо за Украина или руските сили стационирани на руската граница со рускиот прозападен сосед, додека Вашингтон ја обвинува Москва дека подготвува инвазија во земјата и бара итно воено повлекување.
Лавров рече дека главното прашање за Москва останува тоа што Западот не го признава принципот на „неделливост на безбедноста“, според кој ниту една земја не треба да ја зајакнува својата безбедност на сметка на другите.
Москва смета дека Западот го прави токму тоа со постојаното проширување на НАТО, што и` се заканува на Русија. Членовите на Алијансата сметаат дека секоја земја треба слободно да ги избира своите сојузници.
„Денеска му кажав на Антони Блинкен дека нема да дозволиме да се премолчи ова прашање. Ќе се залагаме за искрен и отворен разговор“, рече Лавров.
Вашингтон ги отфрли руските барања за суспендирање на политиката за проширување на НАТО, особено во Украина, и за повлекување на силите на Алијансата од Источна Европа, но ја остави отворена вратата за разговори за други прашања, како што се распоредувањето на ракети и меѓусебното ограничување на воените вежби, објави Ројтерс..