8.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021

„Куферот на Хана“ – книга што ги едуцира децата за холокаустот, објавена на македонски јазик

Најчитани вести

Во спомен на жртвите на холокаустот и на кобната кристална ноќ, која се смета за почеток на погронот и злосторството врз Евреите во Европа, вчеравечер (9 ноември) во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа промоцијата на книгата „Куферот на Хана“ од Карен Левин.

Наградуваната книга за деца „Куферот на Хана“, од канадската авторка и новинарка Карен Левин, на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, а е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Изданието е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за деца над 10-годишна возраст, преку кое на суптилен образовен начин ќе се едуцираат за тешката судбина на Евреите и за холокаустот.

На промоцијата на книгата се обратија Горан Садикаријо – извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Жаклина Мучева од Фондот, и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс ламина“. Извадок од книгата читаше Теодора Велковска, ученичка во ОУ „Војдан Чернодрински“ од Скопје.

„Холокаустот е тешка тема за обработка со децата, но ‘Куферот на Хана’ од Карен Левин е одличен начин родителите и наставниците да ги запознаат децата на возраст над 10 години со овој злосторнички чин. Станува збор за интерактивна книга предвидена да се споделува и да се дискутира, а читателите треба да разговараат за прашањата што се изнедруваат од приказната. ‘Куферот на Хана’ не ја открива само приказната на Хана Бради за нејзиниот краток живот и за животот на нејзиниот брат Георг, кој го преживува холокаустот, туку го покажува и влијанието на куферот врз децата од ‘Мали крилја’ во Јапонија. Куферот во Јапонија служи како образовна алатка што ги подучува децата на толеранција, почит и сочувство. Далечните и анегдотални сеќавања на Георг Бради, преживеаниот брат на Хана, ја оживуваат нејзината приказна и ни овозможуваат поглед одблиску на девојчето со топло срце, чија радост од животот и очекувањата за иднината ги покоси нацистичкото злосторство. Како еден од најдобрите експонати во музеите, куферот на Хана покажува како фактите и предметите може да се поврзат за да ѝ оддадат почит на односната тема на многу личен и на начин полн со љубов“, рече Бисера Бендевска, уредничка на книгата.

Таа додаде дека „Куферот на Хана“ е интернационален феномен. Правата за оваа книга се продадени во 40 земји во светот. Книгата доживува драмска адаптација, а и адаптација во документарен филм, чија премиера била во 2009 година.

„И покрај тоа што ‘Куферот на Хана’ не е книжевно дело, постапката што ја применува авторката овозможува и од методолошки аспект да се разгледува како такво. Имено, таа наизменично ги менува ракурсите во претставувањето на двете хроники – приказната на Фумико Ишиока од Токио и приказната на Хана Бради во Чехословачка“, рече на крајот Бендевска.

Карен Левин (родена 1955 година) е канадска радиопродуцентка и писателка. За своите радиодокументарци „Изгубена невиност: Децата од Втората светска војна“ и „Убиство во соседството“ има добиено две награди „Пибоди“, во 1989 и во 2001 година. Повеќе од 30 години има работено за Канадската радиодифузна корпорација (Си-би-си).

Нејзиниот радиодокументарец „Куферот на Хана“ освои златен медал на Меѓународниот радиофестивал во Њујорк. Во 2002 година ја објави книгата заснована на тој радиодокументарец.

Книгата стана интернационален бестселер и има добиено повеќе престижни признанија, како: книжевната награда „Сиднеј Тејлор“ за повозрасни читатели, наградата за книга на годината на Канадското библиотечно здружение за деца, наградата „Флора Штиглиц Штраус“ и меморијалната награда на Исак Фришвасер за детска литература. Влезе во потесниот избор за признанието „Норма Флек“ и за наградата на генералниот гувернер за литература за деца на англиски јазик. Книгата доби и театарска адаптација во режија на Емил Шер, а за неа беше снимен и документарен филм во 2009 година, „Во куферот на Хана“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com