Косовскиот премиер, Албин Курти, по повод последните инциденти во северно Косово, каде што живее мнозинско српско население, изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија, односно од нова војна во Западен Балкан.
Во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“, кое денеска го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти изјави дека, со оглед дека зад Србија стои рускиот претседател Владимир Путин, опасноста од нов конфликт останува висока.
„Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата“, вели Курти.
Според него, пред руската агресија врз Украина можностите да избие нов конфликт во Западен Балкан беа мали, но „сега ситуацијата е променета“.
„Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот беше Украина. Доколку имаме втора епизода, на пример во Придњестровје, тогаш можностите дека една нова, трета војна ќе се случи во Западен Балкан, посебно во Косово, ќе бидат многу високи“, изјави Курти.
Во врска со протестите во северно Косово против мерките што ги најави неговата влада за замена на српските со косовски регистерски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи, косовскиот премиер вели дека тие не биле спонтани.
„Србите имаат 48 оперативни бази околу Косово, 28 воени и 20 жандармериски. Протестите не беа спонтани, тие беа организирани од Белград, со поддршка од Русија“, изјави Курти.