Home » Курти оптимист дека ќе има позитивен исход во Охрид

Курти оптимист дека ќе има позитивен исход во Охрид

by Журнал.мк

Премиерот на Косово, Албин Курти, e oптимист дека на денешната средба во Охрид во врска со дијалогот Косово-Србија, ќе има договор.

– Оптимист сум, внимателен сум и ќе дадам сѐ од себе за Република Косово, уставноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, за интересот на сите граѓани. Тука сум за принципиелен, отворен, сериозен дијалог кој треба да резултира со договор… Не дојдов на разговори за разговори, туку за разговори за договор – изјави Курти пред почетокот на официјалната средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со делегацијата од ЕУ.

Курти потенцираше дека ќе продолжат разговорите за планот за имплементација, бидејќи, како што рече, нема готов текст.

– Сѐ додека нема готов текст, не може да има завршување на разговорите, па додека нема завршување на разговорите не може да има договор. Јас сум тука за принципиелен, отворен, сериозен дијалог кој треба да резултира со договор, а договор значи конечен и договорен текст. Не дојдов тука за разговори за разговори, туку на разговори за договори – рече Курти.

Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид претпладнево ги пречека делегациите на Србија и на Косово пред официјалниот почеток на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

На официјалниот пречек присуствуваа и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, како и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Високиот претставник Борел, со поддршка од специјалниот претставник Лајчак, ќе одржат одделни состаноци со лидерите на српската и на косовската делегација, претседателот Вучиќ и премиерот Курти, по што ќе следи заеднички состанок. Состаноците ќе се фокусираат на европскиот предлог за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.

Премиерот Ковачевски во Охрид оствари билатерална средба со косовскиот колега Албин Курти. Му посака добредојде и успешни разговори, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција.

Премиерот Ковачевски го поздрави учеството на Косово во дијалогот со Србија и во однос на актуелниот европски предлог за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово, заеднички беше заклучено дека е исклучително важно да се вложат сите напори за изнаоѓање решение и забрзување на евроинтегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западен Балкан.

На средбата, Ковачевски нагласи дека Северна Македонија е пример за земја која по пат на добрососедство, дијалог и компромис постигна историски договори кои го трасираа патот на нашата земја кон Европската Унија и НАТО. Токму тој пристап обезбеди членство во НАТО, одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули минатата година, како и целосна заштита на македонскиот јазик, идентитет и македонските идентитетски обележја.

Премиерот Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евро-атлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока.

Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите граѓани.

Курти се сретна и со Али Ахмети, со кого пиеше кафе со поглед кон Охридското Езеро.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More