Курдите од Сириските демократски сили се повлекоа на 32 километри од границата со Турција, јави руската агенција РИА повикувајќи се на неименувани извори од силите.
Според наводите на официјалните лица, Сириските демократски сили се подготвени да разговараат за тоа да се приклучат кон сириската војска кога кризата во земјата ќе биде решена по политички пат, пренесе „Ројтерс“.
Претходно, заменикот на руското Министерство за надворешни работи, Сергеј Вершинин, изјави дека курдските сили почнале да се повлекуваат од подрачјето во близина на турската граница во Сирија.
„Со задоволство забележуваме дека договорот што беше постигнат во Сочи се спроведува“, изјави Вершинин, пренесе „Ројтерс“.
Москва веќе испрати одреден број воени полицајци во пограничното подрачје помеѓу Турција и Сирија на основа на договорот што беше постигнат во вторникот помеѓу претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган.