14.8 C
Skopje
Thursday, October 21, 2021

Кризирање во кризи

Најчитани вести

Неколку часа беа доволни за да испливаат на површина сите системски и организациски слабости на надлежните структури, кои се провлекуваат со години.
Во државата, покрај општинските противпожарни служби, кои се за брза интервенција, постојат и две институции што имаат обврска да се справуваат со природни катастрофи. Но се добива впечаток дека Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи како да потфрлија во оваа ситуација.

Пожарот во Кочани, кој се закануваше да го проголта градот, а најверојатно беше избегната невидена трагедија поради тоа што ветрот го промени правецот во најкритичните моменти, мора да биде лекција за одговорност, но и лекција за сериозна реорганизација на институциите задолжени за интервенции во природни непогоди. Немоќта со која се соочуваа кочанчани гледајќи како пламенот им ги зафаќа куќите, безнадежно обидувајќи се да спасат што можат, мора да биде пресвртница во размислувањето и дејствувањето кога станува збор за природни непогоди од каков било вид.
Овој случај само покажа дека во одредени институции со години не функционира системот што мора да биде на готовност и експресно да реагира. Наместо тоа, Македонија се соочува со парадоксална ситуација да има авиони за гасење пожари, а тие не еден месец, не два, не една, туку повеќе од две години стојат приземјени. Зошто? Затоа што некој не успеал да ги заврши основните административни процедури да изврши нивно редовно сервисирање. Дали за вакво нешто може да постои оправдување? Дали не е веќе презреано времето за темелна реорганизација на овие институции, на целиот овој систем за кризни ситуации?

Според последните информации, и припадниците на армијата се активни на најкритичните точки во справувањето со пожарите.

Хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ, кои во текот на претходните два беа ангажирани во гасење и локализирање на пожарот во реонот на Старо Нагоричане, каде што исфрлиле повеќе од 50 тони вода, од раните утрински часови во текот на вчерашниот ден се ангажирани на пожарот кај Кочани, при што два хеликоптери непрекинато учествуваат во гасењето на пожарот и ставање под контрола, додека во исто време уште еден хеликоптер е во целосна подготвеност за ангажирање.

Тоа што во Кочани, Кокино, Ранковце немаше човечки жртви е навистина среќна околност, но тоа во никој случај не треба да се користи за оправдување и покривање на неажурноста. Напротив, одговорното и професионално дејствување и работење мора да биде императив во справувањето со непогоди од каков било вид. Треба да се седне и професионално, стручно да се постави систем што ќе биде функционален и корисен.
Ова што се случи сега со пожарите не е прв, но треба да биде последен случај. Со години системот за заштита од кризи не функционира, туку кризира во клучните моменти. Примери има доста и при поплави, евакуација на повредени лица, сега пожари итн. Службите постојат за да превенираат и спречат да се случи најлошото. Од пост фестум реакции нема фајде.

За да биде сето ова поставено на здрави основи, итно се потребни знаење, професионалност, ресурси и волја. Приоритет мора да биде функционалноста на овој систем, а не како досега, овие две институции, ЦУК и ДЗС, да бидат само прибежиште за партиски кадри.
Државата може да штеди на мебел, на репрезентации и на службени директорски возила, но не може да штеди на сензитивните фундаменти од кои зависат човечки животи.
Најдолгата ноќ што ја преживеаја кочанчани, но и цела Македонија, мора да биде и пресвртница за менување на општествената матрица, и на партиите и на политичарите, на сите. За почеток, доволно е да ја напуштат практиката за морбидно собирање политички поени во истиот момент кога некој се бори за својот или да спаси нечиј живот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com