7.8 C
Skopje
Friday, December 9, 2022

Криза е секогаш и шанса за преобразба

Најчитани вести

Кица Колбе

Германските весници ова лето постојано истакнуваат дека зимава ќе била многу студена, затоа што ќе поскапи греењето, така што дури и во сончевиот август почнавме да чувствуваме студ. Не од реален студ, туку од страв пред зимата што доаѓа. Вчера читав во ФАЦ дека ни претстои „ера на откажување“. Тоа значи дека ќе треба да се откажеме од многу нешта кои за нас досега беа нормална работа, затоа што бевме заборавиле дека тие се симболи на благосостојба и дека за нив може само да сонуваат луѓето во земјите од Третиот свет. За нас откажувањето ќе значи дека оваа зима, а можеби и идната, ќе треба да се научиме да не ги затоплуваме сите одаи во домовите. Тоа е можеби чудно за генерациите родени по 70-тите во големите градови во богатите европски земји како Германија. Тие генерации, навистина, беа пораснале во стабилна благосостојба во која не мораа да се откажуваат од важни нешта, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Мирисот на детството и новата еколошка свест

Меѓутоа, ние, генерациите родени по војната во Македонија, паметиме уште дека во детството живеевме во станови и куќи во кои редовно се затоплуваше само една одаја. Најчесто кујната, зашто дневната се чуваше за гости, а се спиеше во студената спална. А така беше не само во Македонија во педесетиттите, туку и во Германија, барем според тоа што ми го раскажуваат моите германски роднини. Во голем број германски куќи, изградени на почетокот на педесеттите, немаше централно греење, исто како и во Македонија. Затоа и ден-денес за мене мирисот на зимата во домот е студениот воздух во претсобјето и во спалната. Топла беше само големата одаја во која се готвеше. Како деца никогаш не спиевме без волнени кратки чорапи, а некогаш и со волнен пуловер врз пиџамите. Оваа година сѐ почесто се потсетувам на советите на татко ми во детството, дека кога излегуваме од една одаја треба веднаш да го изгаснеме светлото. Тој совет уште како деца нѐ учеше да имаме мерка во трошењето на енергијата. На секој барем малку самокритичен човек денес мора барем еднаш да му станало јасно дека одамна ја надминавме мерката во трошењето на енергетските и природните ресурси.

Визијата на Зелените

Денес нема улица во Келн која од двете страни не е оградена од непрегледна низа паркирани автомобили. Пред некој ден се потсетив на времето од крајот на осумдесеттите и на тогашната програма на партијата на Зелените за еколошка преобразба на општеството со драстично намалување на бројот на автомобилите. За таа цел цената за литар бензин требаше постепено да расте, за да стигне еден ден дури до 5 германски марки. Тоа тогаш беше незамисливо висока цена за литар бензин! Затоа таа програма на многумина им се чинеше утописки сон. Сепак, за најголемиот број таа беше „хорор-сценарио“ за иднината, доколку на власт дојдат Зелените. Можеби затоа и самите тогашни политичари на Зелените брзо го заборавија тој сон откако станаа дел од власта, како, на пример, Јошка Фишер, првиот министер за екологија во Франкфурт, каде што тој 68-та учествувал во Студентските немири и ги посетувал предавањата на филозофите Адорно и Хабермас.

Балканот – наместо екологија, историска митологија

Само 4 децении подоцна еден литар бензин веќе чини речиси 2 и пол евра, што значи токму 5 марки! Притоа таа цена не е резултат на визијата на Зелените, кои сметаа дека наместо секоја година да се зголемува бројот на автомобилите во фамилиите, би било подобро систематски да се подобрува железничката, автобуската и трамвајската мрежа во големите градови, а автомобилите да се користат само онаму каде што железничките врски се неповолни. Затоа денес еден друг политичар на Зелените, доктор по филозофија, Роберт Хабек, како министер за стопанство и екологија во Берлин, предупредува дека е крајно време да се направат темелни реформи во стопанството, енергетиката и екологијата, затоа што „делумно веќе горел покривот на куќата“. Тој е загрижен за иднината на германското стопанство со оглед на претстоечката енергетска криза. Тоа значи дека неопходноста од темелна преобразба на технолошкиот и еколошкиот сектор беше јасна уште пред неколку децении, но општеството уште не беше подготвено за неа. Сега на сите им е јасно дека нема веќе време за чекање. Притоа, токму пред 50 години, 1972, во Рим се беа собрале група познати светски научници на конференција за границите на прогресот, а нивните сознанија потоа беа објавени во истоимената книга. Тоа беше прочуениот „Клуб од Рим“ (Club of Rome). Иако нивните прогнози тогаш наидоа на жестока критика, нив ги потврди реалноста само по неколку децении. Нивното предвидување за можната глобална катастрофа на крајот на овој век, денес се чини сѐ пореално.

За жал, денес во постсоцијалистичките земји еколошката свест е последната грижа на политичарите, целосно предадени на националистичкиот популизам. Кај нив уште не стигнало сознанието на научниците од „Клубот од Рим“ дека опасноста за иднината на човештвото не може да се спречи само со технолошки прогрес, затоа што тоа што тие го дефинираа како „граници на прогресот“ е комплексен процес од глобален карактер. Во извештајот на „Клубот од Рим“ беше јасно истакнато дека за да се спречи катастрофата е итно неопходно да се воспостави социјална и еколошка рамнотежа во општеството, но, пред сѐ, во глобални рамки.

Промена на парадигмата

Со пандемијата и со војната во Украина глобалната криза се пројави уште појасно. Во ваквиот свет има малку шанси да се оствари наскоро неопходната социјална и еколошка рамнотежа во глобални рамки. Сепак, промената на парадигмата е возможна во општествата како Германија, кои ги поседуваат политичките и социјални услови за неа, затоа што имаат стабилен демократски систем и граѓански сензибилтет за важноста на еколошките прашања. Почетокот на пандемијата сите неочекувано нѐ потсети дека може самите да си поставиме граници во нашето однесување. И сите очекувавме дека нема брзо да го заборавиме тоа скапоцено искуство, кога на небото го следевме само летот на птиците, но не и на авионите. Кога се радувавме дека заради блокираните трговски врски со Кина небото можеше да ги зацели раните што му ги нанесува секојдневно нашиот неограничен конзум.

Во својата „Критика на практичниот ум“, опишувајќи ги принципите на етиката, филозофот Имануел Кант забележува на едно место дека „човекот е криво дрво“, кое макотрпно се обработува. Тоа значи, луѓето најчесто прифаќаат да го променат своето однесување не од слободна волја, туку кога немаат друг излез. Во таа смисла, кризата може да биде и шанса за преобразба, а новата ера во која ќе мораме барем ние, во богатите општества во Западна Европа, свесно да се ограничуваме за да ја обезбедиме иднината на нашите деца и внуци, може да биде продуктивна и творечка, затоа што ќе бидеме присилени да ги реализираме промените кои ги одложуваме повеќе од половина век.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести