Home » Кој ќе ги (про)вози скопјани?

Кој ќе ги (про)вози скопјани?

by Журнал.мк

Оние што останале без катализатори, а не се во можност да ги заменат, ќе можат да се возат со еколошки автобуси. Нив ќе ги набават лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и градоначалничката Данела Арсовска со заеднички сили.

Нова крими-занимација по скопските улици во доцните ноќни часови е крадење катализатори од автомобили. Се крадело дури и во подземни паркинзи на зградите. Три минути работа за оние што се намерачиле на вашето возило, но неколку стотки евра по џебот за замена со нов, доколку се случи тоа. Во нив имало скапи благородни метали, па луѓето решиле со „мечка страв, мене не“ набрзина да се збогатат. Катастрофа.

Па, така, деновиве автомеханичарите имале полни раце работа да стават катализатори во автомобилите од кои се украдени. А полицијата што прави? Води статистика. Ете, си знаат дека во 2020-та, на пример, биле украдени околу 1.200 парчиња. Трендот на ваквите кражби е во пораст секаде во светот, па веројатно и кај нас. Затоа, некој сериозно треба да се позанимава со овие арамии, не само да прима пријави од оштетени граѓани. Пожелно е полицајците да прошетаат и по темните паркинзи, а пожелно е и граѓаните да пријават ако слушнат дека брусилка сече метал среде ноќ. Сигурно и слушнал некој, ама се чини никој не се замара многу-многу со чудните звуци што доаѓаат надвор од неговиот дом. И, така, кражбите ќе се зголемуваат, додека некој од дрските крадци (што би рекле полицајците) случајно не им падне во раце на органите што се задолжени да нè штитат од криминалот.

За оние што не знаат, катализаторите во автомобилите служат да ги уништуваат штетните гасови што се создаваат од моторот и да ги претвораат во безопасни гасови што можат да се ослободат во околината. Значи, без катализатори ќе се загадува воздухот и ќе биде уште поотровен отколку што е сега.

Но, ние сме досетливи и секогаш знаеме да балансираме со загадувањето за ептен да не се испозатруеме. Па така, оние што останале без катализатор, а не се во можност да го заменат, ќе можат да се возат со еколошки автобуси.

Нив ќе ги набават лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и градоначалничката Данела Арсовска со заеднички сили. Или секој посебно? Од Град Скопје тврдат дека се во преговори со компании и со фондови каде се обезбедуваат грантови за еко-проекти за набавка на еко-автобуси. И не само што имало заинтересирани компании да инвестираат во Скопје, туку и за отворање фабрика за производство на автобуси. На јавноста ќе ѝ кажеле што точно се случува кога ќе имале целосен и конкретен план за обезбедување ресурси.

Мицкоски, пак, отиде чекор понатаму. Тој располага со прецизни бројки. Вели дека се подготвува тендер за набавка на 100 електрични автобуси, а се преговара и за отворање фабрика во која ќе се вработат најмалку 500 луѓе.

И оние од СДСМ, чудни некои, наместо да го поздрават проектот со кој ќе се намали загаденоста на воздухот, туку сенешто прашуваат, демек во кое својство Мицкоски преговарал за набавка на автобуси? Значи, стварно не разбираат што е мегапроект, подобро да си се фатат за работа таму во тоа институциите за коишто се надлежни.

Од Град Скопје убаво си објаснуваат – Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје и во комуникацијата за прашања кои се од важност за градот и скопските општини. Што не е јасно тука?

А некои таму „злобници“ помислија дека Арсовска и Мицкоски се скарани, оти не ја викнал на отчетите на градоначалниците, па сега тој ќе набавувал автобуси. Па, ја немаше, нормално, таа нели беше независен кандидат за градоначалник? ВМРО-ДПМНЕ само ја поддржа за да го освојат Скопје. Што бара таа на партиска „збиранка“? Плус, си има работа низ градот, еден куп проекти подготвени за менаџирање.

Еве сега двајцата преговараат за набавка за еколошки автобуси, за доброто на сите скопјани. Толку!

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk