Home » Кој се плаши од данокот лош, три за грош, три за грош…

Кој се плаши од данокот лош, три за грош, три за грош…

by Журнал.мк

Од: Весна Дамчевска

Од 1 јануари ќе почне даночната реформа, а клучните прашања се без одговор: Кои повластени даночни стапки од 5 проценти ќе станат 18 проценти, за што ќе нема даночно ослободување, ќе има ли оданочување на каматите на орочените депозити, на договорите на дело и ќе има ли прогресивно оданочување?

Се стокми Буџетот од пет милијарди, но милиони прашалници останаа да висат во воздух. Најголема непознаница е почетокот на даночната реформа. Министерот за финансии Фатмир Бесими вешто ги одбегнува одговорите на клучните прашања: кои повластени даночни стапки од 5 проценти ќе станат 18 проценти, за што ќе нема даночно ослободување, ќе има ли оданочување на каматите на орочените депозити, ќе има ли оданочување на договори на дело и ќе има ли прогресивно оданочување? Сите овие непознаници на министерот му се добро познати, како инаку ќе го стокмеше буџетот. Освен ако бројките не се извадени од ракав.

Ако почнуваме даночна реформа, тогаш мора да ја направиме транспарентно. Под транспарентно не се подразбираат само јави дебати зад затворени врати и ценкање во стилот „мене ова ми одговара, а мене ова не ми одговара“. А тоа кај нас вечно се случува. Инаку, зошто воопшто Законот за данок на личен доход сосе прогресивниот данок беше ставен во мирување. Тоа се случи на крајот од 2019 година, која според сите параметри беше добра година и кога ни на сон ги немаше ниту пандемијата ниту енергетската криза. А каква лакрдија се случуваше во тој период…

Една од главните програмски заложби на СДСМ кога дојде на власт беше враќањето на средната класа, а главен аргумент за тоа беше токму прогресивниот данок. Го воведе тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, во чиј тим беше и Бранимир Јовановиќ, сè уште остар поборник за прогресивното оданочување. Потоа на сред првата и единствена година од прогресивното оданочување стигна веста дека Тевдовски е разрешен од министерската функција. На негово место беше поставена Нина Ангеловска, тогашен сопственик на компанијата „Групер“, која набргу објави дека „примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување на 36 месеци“. Денеска Тевдовски е во Вашингтон и работи во ММФ, Јовановиќ е економист во Институтот за меѓународни економски студии во Виена, а Ангеловска објави дека ќе работи за „Ананас“, компанија на „Делта холдинг“, која пак е во сопственост на најбогатиот српски бизнисмен Мирослав Мишковиќ. Сите се разотидоа, а даночната реформа остана ни на небо ни на земја, па сега со неа мора да се снаоѓа актуелниот министер Бесими.

Бесими вели дека сме на прагот на голема даночна реформа, дека ДДВ си останува 18 проценти, но сè друго, завиткано во обланда, се фрла во јавноста. Во меѓувреме, отчукуваат последните часови од 36-месечното мирување на законот и од 1 јануари ќе мора да се применува. Во него го има и прогресивниот данок, но сè мириса на тоа дека одеднаш ќе видиме законски измени по кои или ќе го снема или ќе се смени оној праг за прогресивно оданочување од 1.500 евра, сума која, за волја на вистината, веќе сосема не кореспондира со сегашната реалност. Во законот има и зголемување на даночна стапка од 10 на 15 проценти за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, од капитал, од капиталните добивки, од осигурување како и доходот од оданочувањето на каматите.

Овие ставки треба да се земат предвид и од страна на фирмите и од страна на граѓаните. Фирмите треба да си ги вкалкулираат даночните промени во плановите за 2023 година, а и граѓаните треба да знаат колку реално ќе добијат од изнајмениот стан или од орочениот депозит и според тие математики да си го прават домашниот есап. Сè друго е неодговорно.

Со сè што министерот знае, а ние не знаеме, Буџетот за 2023 година ќе тежи 4,6 милијарди евра, односно толку пари се предвидува да се приберат во него, најмногу од даноци. На расходната страна, пак, се планира да се потрошат 5,3 милијарди евра. Од оваа почетна математика до завршната буџетска сметка секогаш има многу измени. Засега едно е јасно – во приходот ќе влезат повеќе пари од данокот на струја, чија повластена даночна стапка на 1 јануари 2023 година се зголемува од 5 на 10 проценти, а на 1 јули се враќа на 18 проценти. Другите изненадувања допрва ќе дојдат.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More