16.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Кој да ја разреши Данела?

Најчитани вести

Пишува: Анета Стојковска

Скопјани кои не добија ништо од она што им беше ветено. Данела едноставно не испорача резултати! Во наредните три години никој не може да ја разреши, освен ако не си даде оставка. Но, тогаш сама ќе мора да признае дека ништо не сработила за скопјани зад кои упорно се обидува да се „скрие“.

Данела Арсовска си обезбеди незаборав во историјата на Град Скопје. Таа ќе остане запаметена по успешната реализација на нејзиниот најважен капитален проект, кој од неразбирливи причини не беше дел од нејзината програма за модерно Скопје, проект наречен – менување директори на јавни претпријатија. За неговото спроведување, Арсовска не потроши ни денар од градскиот буџет, затоа што за „испорачаните“ резултати од овој проект нема финансиски импликации. Ем штедлива, ем менаџерка, ем домаќинка.

За десет месеци од мандатот на Данела ѝ се погодија (сега-засега) само директорите на „Лајка“, на „Улици и патишта“ и на „Паркови и зеленило“, што не значи дека уште утре некој од нив нема да биде разрешен оти не работел како што очекувала градоначалничката. Во останатите се сменија по двајца, а предничи ЈП „Градски паркинг“, кој добива трет директор. Замислете што ќе се случи до крајот на мандатот на актуелната прва дама на Скопје, ако смените се туркаат со ова темпо.

Ќе остане Арсовска запаметена и како единствен градоначалник што стопирала реализација на проекти во кои се вложени милионски суми европски пари. Најпрво се откажа од Брзиот автобуски превоз, односно БРТ, за што државата плаќа огромни „пенали“ на годишно ниво, затоа што граѓаните што ја избрале, не сакале таков превоз. Е така де, тие ја избраа за ветениот бесплатен превоз и за набавката на 250 еколошки автобуси, кои веќе не се ни спомнуваат. Сега е на пат да го прекине и тендерот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Вардар, тежок 136 милиони евра, за кој државата има добиено грант од 70 милиони евра од Европската инвестициска банка. Без око да ѝ трепне го разреши директорот Златко Перински со образложение дека имало сомнежи за самоволие и за несоодветно постапување во изборот на изведувач на милионскиот тендер.

По него следеа оставките на уште двајца вмровски директори, првите луѓе на „Градски паркинг“ и на „Дрисла“, кои ја обвинија градоначалничката дека не им ги поддржува проектите и со месеци не комуницира со нив, а таа побрза да објасни дека оставките не ги дале самоиницијативно, туку таа им ги побарала поради неиспорачани резултати.

И така, пукна љубовта меѓу Арсовска и нејзините најголеми поддржувачи кои ѝ обезбедија победа на локалните избори: ВМРО-ДПМНЕ. Зошто, како, кој и какви игри игра, веројатно допрва ќе се дознае. Сега со нетрпение ја очекуваме наредната седница на Советот на Град Скопје, затоа што советниците од најголемата опозициска партија жестоко се залагаа за сите предлози што доаѓаа од Арсовска. И сега што, кога се скарани?

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и во иднина ќе ги поддржат сите проекти од програмата за модерно Скопје, од која, како што тврдат 90 отсто, била напишана од партиски експерти. Значи, најавените пет мега паркови се оние 10 отсто на тимот на Данела, затоа што во нејзиниот досегашен мандат едвај почна реализацијата на еден од нив.

Се изнаслушавме во изминатите денови сѐ и сешто, оти кога ќе тргне лавината нема назад. Дека наводно Арсовска се потпирала многу на кулоарски муабети, дека немала комуникација со Советот ниту со неговиот претседател Трајко Славески, ниту со директорите на јавните претпријатија и институции во надлежност на Градот. Од советниците слушнавме за нејзината ароганција, самобендисаност, за нетранспарентност кон медиумите и за нејзиниот често користен израз – од утре да го нема!

Се чини ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе плаќа за грешката што ја направи со поддршката на Арсовска. Но, најмногу губат скопјани што не добија ништо од она што им беше ветено. Данела едноставно не испорача резултати! Во изминатите десет месеци единствено се расправаше со неистомислениците, удираше со „глава во ѕид“ и кога сите велеа дека ѕидот е тврд и ја користеше моќта за разрешување и за именување што ѝ ја дава законот.

И сега кој може да ја разреши Данела? Во наредните три години никој, освен ако самата не реши себеси да се разреши, односно да си даде оставка. Но, тогаш ќе мора да признае дека ништо не сработила за скопјани зад кои упорно се „крие“ при соопштување на своите одлуки.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com