7.8 C
Skopje
Friday, October 22, 2021

Кочан сведочеше во „Титаник“, „Трансмет“ не донирал на ВМРО-ДПМНЕ, ама според друг сведок им плаќал фактури!

Најчитани вести

Бизнисменот Сеад Кочан утринава од затворот „Идризово“, каде што издржува затворска казна од 4 години и 8 месеци, беше донесен во Кривичниит суд, за да сведочи за случајот „Титаник“.

Кочан е повикан за сведок од страна на обвинителката Лиле Стефанова.

На прашањето на обвинителката дали фирмата „Трансмет“ на која бил управител, во 2011 година донирала пари за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, Кочан одговори дека компанијата не донирала.

Тогаш Стефанова го праша дали тој како физичко лице донирал средства за партијата, но баш тогаш двокатот Донче Наков побара збор па рече дека не е сигурен дека сведокот разбрал дека на одредени прашања не треба да одговори, за да не се изложи себе си на кривична одговорност. Тогаш Кочан рече дека не се сеќава, но сепак мислел дека никогаш не дал пари на било која политичка партија.

По неговото кусо сведочење, Кочан беше вратен назад во затворот.

За разлика од денешното сведочење на Кочан, според обвинителниот акт „Тансмет“ учествувала во плаќањето на опремата и рекламниот материјал на ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања за 2011 година.

Според обвинението, Никола Груевски и Мартин Протоѓер во текот на изборната кампања преку Миле Јанакиески и Кирил Божиноски изнајмиле оперма и набавиле рекламен материјал за изборната кампања кој бил платен од фирмите „Трасмет“, „Секјурикот“ и уште една фирма.

-Овие средства во износ од 3.128.777 денари биле должни да ги пријават како донација, но не ги внеле во регистарот на донации. Сведоци ќе потврдат дека управителите на фирмите кои ги дале услугите, фактурите наместо кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ биле упатени да ги насочат кон правните лица, како услугите да биле извршени за овие правни лица – рече обвинителката Стефанова при читањето на обвинителниот акт.

Ова тврдење со својот исказ го поткрепи и сведокот Златко Кочишки, од компанијата ДВД Пет, за изнајмување на опрема. Тој, на прашањето дали изнајмувал опрема на ВМРО-ДПМНЕ, одговори дека во 2011 година ваква опрема изнајмувале на партијата, но и на СДСМ, и тоа за нивниот главен митинг.

На кој начин ви беше платено за изнајмената опрема на ВМРО-ДПМНЕ за која рековте дека сте дале опрема за помали настани, го праша обвинителката Стефанова.

-Инструкциите веројатно сум ги добил од Логин Кочишки, рече сведокот, а за тоа какви биле инструкциите рече дека не се сеќава.

На прашањето пак дали парите за опремата им биле платени директно од жито сметка или на друг начин, сведокот одговори:

„Според анализите кои ги направивме во фирма немам дадено фактура во ВМРО-ДПМНЕ, рече сведокот.

На следното прашање дали за оваа услуга имате фактурирано на друга фирма, Кочишки рече:

„Фактурирав таму каде што Логин ми даде инструкции. Јас не сум ги фактурирал туку претпоставувам дека откако сум ги добил инструкциите само сум се јавил на телефон во фирмата да им кажам за која фирма да направат фактура за да ни плати. Кога дојдоа истражителите од СЈО, констатиравме дека сме фактурирале на „Трансмет“, рече сведокот.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com