Home » Конференција „ЕУ за општините”

Конференција „ЕУ за општините”

by Журнал.мк

Во Скопје денеска ќе се одржи конференцијата „ЕУ за општините”, заеднички организирана од две програми: „ЕУ за општините” и Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.

Конференцијата ќе ја отвори евроамбасадорот Дејвид Гир кој воедно и ќе ја потврди поддршката што ЕУ им ја дава на општините во Македонија. Договорите, пак, за кофинансирање со општините корисници на двете програми финансирани од ЕУ, ќе ги потпише министерот за локална самоуправа, Горан Милески.

Програмата „ЕУ за општините” е грантова шема со вкупна вредност од пет милиони евра, која им овозможи на осум општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ од 300.000 до 800.000 евра. Покрај тоа, 11 грантови обезбедени од ЕУ беа доделени во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија. Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка кофинансираат до 15 отсто од вкупните прифатливи трошоци на овие грантови. За време на конференцијата „ЕУ за општините” се очекува да бидат потпишани вкупно 19 договори за кофинансирање.

Втората цел на конференцијата „ЕУ за општините” е да се претстават тематските платформи за вмрежување во секторите кои се приоритет за општините во Македонија: дигитализација, управување со отпад и урбана мобилност. Овие сектори се дел од Европскиот зелен договор и општините Аеродром, Охрид, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Врапчиште и Град Скопје со помош на грантовите од ЕУ ќе подготват и спроведат соодветни иновативни решенија.

Во однос на Европскиот зелен договор, општините ќе бидат потсетени и на можноста да учествуваат на отворениот повик распишан од Делегацијата на Европската унија за доделување на наградата за зелена општина. Општините имаат можност да ги прикажат активностите со кои придонесуваат за заштита на животната средина. Повикот има за цел да ги промовира добрите практики на општинско ниво воспоставени во 2021 година во врска со управувањето со отпадот. „Најзелената” општина ќе добие награда на 05 јуни 2022 година, кога ќе биде одбележан и Светскиот ден на животната средина.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk